Линкови за пристапност

Борбата против лажните вести ќе се спроведува со регистрација на онлајн медиумите


Со регистер за онлајн медиуми во борба против лажните вести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:31 0:00

Наскоро треба да стартува регистар на професионални онлајн медиуми, кој според новинарската фела треба на јавноста да и стави до знаење кои од порталите се професионални, а кои не

Во финална фаза е изготвувањето на регистарот на професионални онлајн медиуми, кој на бизнис заедницата и јавноста треба да им овозможат полесно да распознаваат кои медиуми ги исполнуваат критериумите да бидат медиуми, односно кои од нив известуваат професионално и имаат транспарентно сопствеништво и импресум. Од ЗНМ, велат дека потребата од вакво нешто се појавила поради хаосот во медиумскиот простор во земјава.

„Кога ќе имаме еден таков регистар тогаш ќе биде полесно за сите. Да знаат граѓаните од кого читаат и како читаат, за да може да ги препознаваат лажните вести од вистинските вести, за да бизнис заедницата знае кои се оние медиуми, каде треба да ги пласираат своите рекламни кампањи бидејќи нивната општествена одговорност е исто така голема како и нашата“, вели Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

На регистарот заедно работат ЗНМ и Советот за етика во медиумите во соработка со Стопанската комора на Македонија. Велат дека на овој начин компаниите ќе бидат посвесни каков вид на новинарство подржуваат со своите производи, но и позаштитени, во кои медиуми ги трошат своите пари за реклами.

Постојат редица портали, медиуми кои, некои групирано, некои намерно или ненамерно создаваат хаос на пазарот. За некои од нив може да се каже дека користат и методи кои не се добри за привлекување реклами, како што се рекетарство, уцени, закани
Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ


„И сега вие како компанија ако добиете било каква понуда за соработка или повик за состанок, од медиум кој е надвор од оваа листа, вие може да кажете вие не сте професионален медиум, нема што со вас да дебатираме. Од друга страна и медиумите кои се професионални ќе добијат некаков тип на гаранција дека производите од компаниите ќе бидат рекламирани кај нив“, вели Катерина Синадиновска, претседателка на Советот на етика во медиумите.

„Постојат редица портали, медиуми кои, некои групирано, некои намерно или ненамерно создаваат хаос на пазарот. За некои од нив може да се каже дека користат и методи кои не се добри за привлекување реклами, како што се рекетарство, уцени, закани“, додава Чадиковски.

Од Стопанската комора се свесни за потребата од ваков регистар поради секојдневните предизвици со кои се соочувале.

„Во моментот често пати поради лажните вести имаме голем дел на наштетување на бизнис секторот, било финансиски било во имиџот на компанија нешто што има негативни финансиски импликации врз нашите компании“, вели Игор Соколески, претседател на регионална стопанска комора од Кичево.

Станува збор за бројка од шеесетина медиуми кои ќе бидат дел од оваа база на податоци. Во земјава никаде нема точен број колку интернет портали има, бидејќи нови никнуваат речиси секојдневно. Во Струга на дел од бизнис заедницата и новинарите им беа презентирани заложбите на новинарските здруженија.

XS
SM
MD
LG