Властите во Њујорк прогласија вонредна здравствена состојба откако бројот на заболени од мали сипаници бргу се прошири меѓу припадниците на ултра-ортодоксната еврејска заедница во градот.
Градоначалникот Бил де Бласио рече дека лицата што живеат, работат или одат на училиште во делови од Бруклин треба да се вакцинираат со вакцина против мали сипаници, заушки и рубеола, позната и како ММР-вакцина. Вакцинирањето ќе биде за да се спречи понатамошното ширење на заразата.
Градоначалникот истакна дека луѓето мораат да разберат оти вакцинирањето е единствениот начин за справување со оваа појава, како и дека вакцините се безбедни и тестирани.
Тие што ќе одбијат да се вакцинираат, или што нема да приложат доказ дека примиле вакцина, можно е да бидат казнети со по 1.000 долари.
Според тамошните власти, до сега се потврдени 285 случаи на мали сипаници, што е најголема бројка од 1991 година.
Повеќето од лидерите на ортодоксната верска заедница во Бруклин ги повикуваат жителите да одговорат на повикот за вакцинација. Сепак, властите велат дека и натаму има многумина што одбиваат вакцинирање, а причина за тоа е недоволна информираност.
Од вкупниот број заболени во САД, објавени минатата недела, две третини се во Њујорк. Болеста на национално ниво, пак, се доближува до алармантна состојба.
Според здравствените официјални лица, минатата недела во земјата се регистрирани 465 случаи, односно 387 повеќе од една седмица претходно.
Ширењето на заразата се поклопува со намаленото вакцинирање, кое се случува поради неинформираност на населението, како и поради силната пропаганда против вакцинацијата.