За да се обелодени и реактуелизира сериозноста на повеќедеценискиот проблем со дивите депонии во Националниот парк Маврово, Здружението за екологија и унапредување на културата и спортот „Тритон“ од Ростуше, во соработка со НВО Инфоцентар од Скопје, на терен ги мапираше дивите депонии.
Во рамки на проектот „Активни граѓани за партиципативна локална демократија“, финансиран од Меѓународниот центар „Улоф Палме“ и поддржан од шведската Влада, активистите од „Тритон“, со поддршка и на НВО Инфоцентарот, ја организираа акцијата за мапирање на дивите депонии во еден од најубавите делови на Македонија – Долна Река, во Општината Маврово и Ростуше и во Националниот парк „Маврово’.
Со три и пол минутното видео, снимано и со дрон, а објавено на Јутјуб каналот, според Криејтив комонс (Creative Commons) лиценцата, како јавна лиценца за авторски права која овозможува бесплатна дистрибуција за сите заинтересирани, активистите за заштита на животната средина се обидуваат да ја кренат и зајакнат свеста на граѓаните и да ја поттикнат локалната и централната власт на реакција во поглед на загадувањето на околината и на дивите депонии.
„Бараме националните и локалните власти под итно да преземат мерки за чистење на дивите депонии и да донесат и спроведат одржливи мерки за фрлање и собирање отпад“, порачуваат во видеото младите активисти од „Тритон“.
За време на акцијата, во Долнореканскиот крај со само 11 населени, рурални места, со помош на локалното население, биле откриени дури 42 диви депонии. Покрај сите населени места кои се на надморска височина од 662 до 1.152 метри, има диви депонии: Ростуше (една дива депонија) Велебрдо (3), Битуше (3), Требиште (9), Видуше (1), Жировница (4), Врбјане (6), Јанче (2), Аџиевци (2), Присојница (4) и Скудриње (7 диви депонии).
„Идејата на целата акција е да се поттикнат властите на локално и национално ниво, надлежните институции и граѓаните, да најдат ефикасно системско решение за чистење на дивите депонии, а потоа напорите да се насочат кон превенција од создавање други диви депонии“, истакнуваат активистите во писмената изјава до Гласот на Америка на македонски јазик, испратена преку НВО Инфоцентарот.
„Очекуваме поддршка од граѓаните во чистењето на дивите депонии, но очекуваме и да ги сменат старите навики и да прифатат нови решенија со кои ќе се заштитат природните убавини на националниот парк“, апелираат заштитиниците на животната средина.
Снимениот видео-материјал им бил презентиран на претставници од Општина Маврово и Ростуше, на месните заедници, на Националниот парк и на Јавното комунално претпријатие „Маврово“, при што, биле изнесени и предлози за решавање на проблемот со дивите депонии: засилено теренско присуство на комуналните редари, назначување инспектори, зголемување на казните за фрлен отпад, формирање на тело за надзор врз работата на комуналните редари, како и на Одделението за урбанизам и комунални дејности во Општината.
Исто така, за да се поттикне менувањето на навиките за фрлање отпад кај локалното население во рамки на акцијата „Активни граѓани за партиципативна локална демократија“ биле донирани и 40 канти за отпадоци, кои ќе бидат поставени во населените места во долнореканскиот крај.