Две недели. Само толку бил стар малиот Марк, кога руските трупи ја почнаа инвазијата врз Украина.
„Рано утрото слушнавме силни експлозии. Тогаш ме фати паника, ме фати страв за моето бебе. И, тогаш, одлучивме дека мора да оставиме сè што имаме“, раскажува мајката на Марк.
Марк е роден во Киев, но половина од својот живот досега го поминал во возило. Неговите родители, 28-годишните Ирина и Глеб, заедно со мајката на Ирина, решиле да го напуштат нивниот роден град, веднаш штом почнал нападот.
„Сè што имавме беше само нешто облека на нас. Сè што понесовме, беше за бебето, бидејќи нему му е потребно многу повеќе во моментов. Беше многу мало, само две недели. Моравме да земеме сè што нему му е потребно“, додава Ирина.
Верувавме дека ќе живееме во хармонија и љубов. Никој не можеше да замисли дека ова ќе ни се случи. Сега живееме само од ден за ден. Без планови за иднинаИрина Старовојт, мајка на малиот Марк
После две недели патешествие низ Европа и помош од бројни лица, успеале да стигнат на македонска територија. Во Скопје имаат пријатели и се сместени во стан на македонски граѓанин што им го отстапил на привремено користење.
„Знам дека многу луѓе во Македонија можат да помогнат. Со станови, куќи во кои луѓето би можеле да се сместуваат привремено. Исто така, ни треба време да обезбедиме документи за (хуманитарна) помош од државата и за да можеме да работиме овде. Така ќе можеме да добиеме и здравствена заштита“, вели младата мајка.
Животот со кој што сега е соочуваат е далеку од плановите што ги имале за себе како семејство.
„Само што станавме родители, бевме многу среќни поради тоа. Ни беше убаво во семејството. Верувавме дека ќе живееме во хармонија и љубов. Никој не можеше да замисли дека ова ќе ни се случи. Сега живееме само од ден за ден. Без планови за иднина“, вели Ирина.
Убиваат цивили. Ги уништуваат домовите на луѓето. Ги уништуваат нашите убави градови. И тоа го нарекуваат помош!?Ирина Старовојт, мајка на малиот Марк
Од светот бараат помош. Но имаат порака и до руските граѓани – да не веруваат во пропаганда и да разберат што се случува во Украина.
„Некои велат дека тие ни помогнале. Навистина!? Помош!? Дека Русија и Русите ни помогнале!? Тие убиваат деца. Убиваат цивили. Ги уништуваат домовите на луѓето. Ги уништуваат нашите убави градови. И тоа го нарекуваат помош!? Не би рекла“, категорична е Ирина.
Благодарение на хуманитарната помош и отвореноста од некои македонски граѓани, Ирина и Глеб моментално имаат покрив над глава. Но, посакуваат многу побезбедна иднина за нивното новороденче.
„Посакувам среќна иднина за него. Сакам сите... Баба му, другата баба, дедо му, да бидеме заедно. Ние сме едно големо среќно семејство“.
Според податоците на УНИЦЕФ, за еден месец од почетокот на инвазијата, околу 4.3 милиони деца ги напуштиле своите домови. Тоа е повеќе од половина од целокупната детска популација во Украина.
Facebook Forum