Линкови за пристапност

Ангеловски: Победени сме, но не сме поразени


Моите играчи заслужено се дел од европскиот крем, од европското првенство, истакна селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски после дуелот со Украина што заврши со резултат од 2:1 во корист на украинската репрезентација

Победени сме, но не сме поразени. Моите играчи заслужено се дел од европскиот крем, од европското првенство, истакна селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски после дуелот со Украина што заврши со резултат од 2:1 во корист на украинската репрезентација.

Ангеловски додаде дека македонските фудбалери и против Холандија треба да продолжат да играат како што играа во второто полувреме од денешниот дуел.

„Во второто полувреме покажавме зошто сме на Европското првенство, а кога и гледачите ќе ве испратат со громогласен аплауз, значи дека сте одиграле добар натпревар. Криво ни е што тоа не е заокружено со позитивен резултат“, рече Ангеловски на конференцијата за медиумите после натпреварот.

Тој додаде оти се надева дека дуелот со Холандија ќе биде шанса за први бодови.

„Во второто полувреме, комплетно растоварени, тоа беше вистинска Македонија. Тоа ќе биде натпревар за добро претставување на Македонија. Се надевам дека со добра игра ќе стигнеме до првите бодови на едно европско првенство“, истакна Ангеловски.

Капитенот, Горан Пандев, пак посочи дека во идните дуели треба да се игра без импровизации.

„Се виде дека малку сме во грч. Тоа се натпревари што првпат ги играме во нашите кариери. Како да чекавме да примиме гол. Овакви натпревари не трпат импровизации. Треба да излеземе на теренот, да го дадеме максимумот, да се забавуваме“, истакна Пандев.

Следниот дуел македонската репрезентација на Европското фудбалско првенство го игра против Холандија, во Амстердам, на 21 јуни од 18 часот.

XS
SM
MD
LG