Амбасадорот на Република Македонија во САД за Гласот на Америка говори за гласањето на дијаспората на претстојните избори во јуни.
Амбасадорот Јолевски очекува добра излезност на регистираните избирачи во САД на 4-ти јуни - еден ден порано од гласањето во Македонија. Дава податоци дека се пријавиле 7.258 лица, од кои само во САД и Канада – 1.830.
„Ова е историски чекор за сите нас, за Македонија и дијаспората, бидејќи за прв пат ќе има претставници во законодавниот дом, односно во Собранието“, вели амбасадорот Јолевски.
Зошто може да гласаат и македонските државјани со истечени патни исправи?
Амбасадорот објаснува дека еден од условите за либерализација на визниот режим со ЕУ беше издавањето биометриски пасоши.
„Издавањето на биометриски патни исправи бара да се создадат одредени техничко - технолошки услови и одредена заштита на личните податоци на нашите граѓани“, смета Јолевски.
Медиумите деновиве наведуваат дека за ибирање на пратеник од американскиот континент ќе бидат потребни само 30-тина гласови, со оглед на малиот број на регистрирани гласачи. Јолевски проценува дека ќе бидат потребни повеќе - неколку стотини, но, според него, уште поважно е дека „без разлика колку се регистрирани како гласачи во САД и во Канада, имаме бројна македонска заедница - само во САД, според проценките живеат околу 200.000 лица. Претставникот што ќе го изберат во САД и Канада ќе ги претставува сите граѓани на РМ кои живеат на овој континент“, вели Јолевски.
За гласањето по електронски пат, Јолевски коментира дека ќе биде можно во некој нареден изборен циклус, кога ќе се создадат услови за заштита на личните податоци.
За критиките дека учеството на дијаспората на овие избори е пребрз чекор и скапо ќе ја чини Македонија, Јолевски возвраќа:
„Во принцип демократијата не е ефтина. Ако едно лице треба да оствари одредено демократско право, не е важно колку чини тоа. Тоа право треба да му биде овозможено на граѓанинот“, смета Јолевски.
Амбасадорот на Македонија во САД на овие избори гледа шанса иселениците да почуствуваат дека се дел од Македонија и дека можат да донесат промени во политичкиот живот.