Линкови за пристапност

Власта и опозицијата се усогласија за важни прашања за работата на Собранието


Евро-пратеникот Иво Вајгел вели дека е задоволен што има напредок во разговорите и оти во Охрид се не за да носат одлуки туку да најдат решенија

Помеѓу политичките партии во Македонија постои позитивна клима за спроведување на реформите кои се неопходни за подобро функционирање на законодавниот дом, смета претседателот на Собранието, Талат Џафери во рамките на меѓупартискиот дијалог како дел од процесот Жан Моне, кој се одржува во Охрид. Тој се надева дека по однос на сите прашања кои ќе се најдат пред пратениците во наредниот педиод ќе има консензус.

„Она што е клима во Собранието мислам дека обезбедува консензуално работење и усогласеност меѓу политичките партии и таа клима треба да ја одржуваме воопшто и поради статусот на Собранието и поради надлежностите на Собранието“, изјави претседателот на Парламентот Талат Џафери.

Запрашан дали може да се очекува единство во парламентот и по однос на евентуален договор за решение на името, Џафери одговори: „Тоа не е моја обврска во моментот и не е моја надлежност да го толкувам тоа.Тоа е надлежност на тие што преговараат и мислам дека тие работат на тоа да обезбедат консензус“, изјави Џафери.

Во рамките на процесот Жан Моне кој првично требаше да се одржи во куќата на основоположникот на ЕУ во Париз, Моне, беше дебатирано за неколку важни реформски прашања, како што е деловникот за работа на Собранието, независноста на законодавниот дом и неговата буџетската самостојност. Џафери вели дека веќе била постигната согласност за етичкиот кодекс со кој се предвидуваат морално-етички, а не кривично-правни аспекти.

„Мислам дека таа дебата е завршена по однос на текстот кој е подготвен со помош на експертите од ЕУ. Таа дебата ќе заврши со консензуално носење на текст на кодексот кој што ќе биде водилка во однос на однесувањето на пратениците во собранието и надвор од Собранието. Сето тоа заради зголемување на довербата во Собранието, институцијата пратеник и со цел да се врати довербата на граѓаните кон институцијата која самите граѓани ја избираат“, вели Џафери.

Евро-пратеникот Иво Вајгел вели дека е задоволен што има напредок во разговорите и оти во Охрид се не за да носат одлуки туку да најдат решенија.

„Целта на процесот е да разговараме во една отворена атмосфера без присуство на јавноста за сите проблеми за кои можеби не е постигнат консензус, а во една таква работна атмосфера со помош на стручњаците кои ги ангажиравме за оваа конференција, мислам дека може да се дојде до согласност за некои работи, за кои секако нема да одлучуваме ние, ниту ќе се одлучува овде, ниту во Париз каде е центарот „Жан Моне“ во неговата куќа, туку ќе се одлучува во Собранието на Македонија“, рече Вајгел.

Процесот Жан Моне е на иницијатива на тројцата евро пратениците Иво Вајгеј, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн. На истиот присустуваа координаторите на пратеничките групи, претседателот на Собранието како и тројцата потпретседатели. Дијалогот завршува со средба во Охрид на европската тројка со лидерите на политичките партии во Македонија и премиерот Зоран Заев.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG