Линкови за пристапност

Заев не го признава судот


Вели, случајот „Пуч“ е политички монтиран и затоа нема да се појавува на закажаните рочишта

Опозициониот водач Зоран Заев денес на прес-конференција изјави дека не го признава судот бидејќи, како што рече, тој е политички инструмент на власта во Македонија. Затоа, тој најави дека нема да се појавува на закажаните судски рочишта за процесот против него.

„Не го признавам правосудството во земјава како независна власт, по Устав и по закон и очекувам судот да ме лиши од слобода“, рече Заев, откако Кривичниот суд го прифати обвинителниот акт против него за случајот „Пуч“. Сепак, тој најави дека, независно од притисоците врз него, ќе продолжат политичките преговори за излез од кризата. На прашање како ќе преговара ако е во притвор, Заев рече: „Тогаш тие ќе дојдат на разговори во `Идризово`“.

Заев оцени дека случајот „Пуч“ е политички монтиран и рече дека повеќе нема да ја почитува определената мерка, според којашто секој понеделник треба да се јавува во судот за да се обезбеди негово присуство за водење на кривичната постапка.

„По ова мое јавно соопштение, судот е должен веднаш да изрече мерка притвор и да ме лиши од слобода. Од овој момент ја очекувам оваа одлука на судот. Јас сум во седиштето на СДСМ или во кампот пред Владата, заедно со граѓаните. Одлуката на Основниот суд Скопје 1 да се прифати обвинителниот акт против мене, нарачан од Никола Груевски и спроведен од Марко Зврлевски е врв на апсурдот на овој предмет од самиот почеток“, рече првиот човек на СДСМ.

Тој ги обвини судските власти дека не дале никакво објаснување за одбивањето на приговорите на обвинението.

„Едно лице лежи во затвор за помагање насилство кое, наводно, јас сум го направил врз Груевски, а јас - наводниот насилник сум на слобода. Бев надвор од државата, разговарам и понатаму со Груевски за истите работи за кои и сум обвинет за насилство, а тој што наводно ми помогнал е во притвор“, кажа Заев.

XS
SM
MD
LG