Канцеларијата на францускиот претседател Франсоа Оланд соопшти дека се неприфатливи наводите дека САД ги прислушувале неговите телефонски разговори и разговорите на неговите претходници на функцијата, како и дека Франција нема да толерира се` што претставува закана по нејзината безбедност.
Ваквото соопштение беше објавено по денешниот состанок на Оланд со неговиот совет за одбрана, на којшто главна тема било објавувањето на документи од страна на ВикиЛикс во коишто се вели дека американската Агенција за национална безбедност (НСА) ги шпионирала последните тројца француски претседатели.
Официјални лица велат дека во врска со ова, францускиот министер за надворешни работи Лорент Фабиус ја свикал американската амбасадорка во Франција Џејн Харли на разговор.
Документите на Викиликс ги објави францускиот дневен весник „Либерасион“ и Интернет-страницата за истражувачко новинарство „Медијапарт“. Засега нема потврда за точноста на документите.
Белата куќа не кажа дали САД во минатото го прислушувале Оланд или пак неговите претходници,но затоа подвлече дека САД не целат на разговорите на шефот на француската државата и дека нема да прават такво нешто.
Портпаролот на НСА Нед Прајс кажа дека американската влада не врши ниту едно разузнавање во странство „доколку не постои „конкретна и оправдана причина по националната безбедност“. Тој рече дека таа стандардна процедура важи и за светските државници, и за обичните граѓани.
„Ние имаме тесна соработка со Франција за сите прашања коишто предизвикуваат меѓународна загриженост. Французите се незаменливи партнери“, изјави Прајс.