Линкови за пристапност

Подемот на Русија и Кина во Западниот Балкан ја слабее поддршката на регионот кон ЕУ


Перспективата за членство во ЕУ и натаму е најмоќна валута на Балканот, велат аналитичари на дебатата при Универзитетот Колумбија во Њујорк.

Како се одразува руското и кинеско влијание врз демократијата и европската интеграција на Западниот Балкан - беше главно прашање на он-лајн настанот во организација на Институтот Хариман за руски, евроазиски и источноевропски истражувања при Универзитетот Колумбија во Њујорк.

Аналитичарите не очекуваат придвижување во процесот на проширување на ЕУ за време на преостанатите месеци од словенечкото претседателство.

Паралелно откако самата ЕУ го забави процесот за проширување, Русија и Кина значително го интензивираа влијанието врз Западниот Балкан, пополнувајќи ја геополитичка празнина што ја остави официјален Брисел, заклучија експертите.

Изминатите години, велат тие, и САД го намалија ангажманот во регионот, како и Велика Британија, чиј фокус беше на Брегзит.

Беше изразена загриженост за зголемувањето на бројката руски медиуми, особено во Србија.


Ивана Страднер, од Институтот Ентерпрајс се осврна на хибридни војни, што е императив на официјален Кремљ – Каде е тука Балканот? – реторички праша и подвлече: „Москва игра на картата на етничката поларизираност во регионот, инвестирање преку испораката на руски гас, зголемено влијание од Руската православна црква“, вели таа и додава дека „стратешки, ја користи Црквата за поларизирање на односите меѓу српската и црногорската црква. Русија го користи и Косово, со целосна поддршка на Србија во меѓународните организации и го бодри Белград да не се откаже од непопустливиот став кон Косово и покрај заложбите од меѓународната заедница за нормализирање на односите“.

Allison Carragher, Visiting Scholar at Carnegie Europe
Allison Carragher, Visiting Scholar at Carnegie Europe

Алисон Карагер, од Институтот Карнеги - Европа, говореше за влијанието од Кина врз регионот. „ЕУ има проблеми со промовирање на „Зелената еко-агенда“ со оглед на евтиниот јаглен што Кина му го испорачува на регионот. Кинеските инвестиции имаат недостиг од транспарентност и тоа го поткопува легитимитетот на ЕУ. Кина не го признава Косово, и секогаш ја поддржува Србија во ОН“, вели Карагер.

Таа оцени дека „меката дипломатија од Пекинг во регионот“, е нагласена со зачестена посета на кинески официјални лица, донациите на кинески вакцините кои неколкупати ги надминуваат донациите од ЕУ и од САД за време на пандемијата“. Според неа, има зголемен број на новински извештаи за економскиот подем на гломазната економија од Далечниот исток, која сака да го преземе лидерството од САД. 40% од анкетираните во Србија сметаат дека Кина е најголем инвеститор во земјата, иако реалноста покажува дека тоа е ЕУ.

Ambassador Vesko Garčević, Professor at Boston University
Ambassador Vesko Garčević, Professor at Boston University

„Отрезнувачки повик до меѓународната заедница - Балканот треба да се најде на врвот од агендата од ЕУ, зашто Кина нуди алтернатива и сериозно ги поткопува европските вредности. Кина, од тамошните лидери се користи како алатка за постигнување на локално-политички поени кога ЕУ не обрнува големо внимание“, смета амбасадорот Веско Гарчевиќ, професор за меѓународни односи при универзитетот на Бостон.

Според него, бизнис - моделот на Русија и Кина го отсликува начинот на кој се врши бизнис на Балканот со години. Нивниот начин на тргување е близок до хибридните режими на Балканот, наведува овој професор. „Граѓаните гледаат кон овие две држави како на земји кои нудат вистински можности, без да бараат нешто за возврат, каква што е перцепцијата кон Брисел и Вашингтон.

Ljubomir Filipović, Leader of the “May 21st” Civic Initiative, Montenegro
Ljubomir Filipović, Leader of the “May 21st” Civic Initiative, Montenegro

„ЕУ и Западот засега немаат одговор на економските иницијативи и кредити што Кина му ги нуди на регионот, при што Пекинг за возврат, не бара спроведување на реформи од земјите“, предупредува Љубомир Филиповиќ, лидер од Граѓанската иницијатива „21-ви век“ во Црна Гора и додава: „Русија изразува отворено незадоволство кон членството на Црна Гора во НАТО, и отворено се противи врз секое партнерство на земјата со трансатлантската заедница. Користи дезинформации за зголемување на јазот меѓу бројната српска заедница и црногорскиот народ“, вели тој. Додава, дека „државната агенција Спутник е особено активна во покривање на домашната политика во Црна Гора и поранешната црногорска влада е поврзана со Русија и има значително влијание врз политичките текови во земјата.

Reuf Bajrovic, Co-Chairman of US-Europe Alliance
Reuf Bajrovic, Co-Chairman of US-Europe Alliance

Реуф Бајровиќ, ко-претседавач со невладината организацијата Алијанса Европа – САД од Вашингтон, оцени дека Русија и Кина имаат различни цели во регионот. „Кина инвестира и планира да го наметне влијанието со своите инвестиции, особено во Хрватска и Црна Гора. Разликата со Русија е што таа е поуспешна дека не само што има врски со лидерите во регионот, туку помага во креирање на паравоени формации, одржување блиски врски со Српската Православна Црква се до безрезервна поддршка за Додик во Босна и Херцеговина кој активно работи на дестабилизирање на земјата“.

Според него, Русија е фокусирана кон задавање што поголема штета врз НАТО, а влезот на Црна Гора и Северна Македонија беше голем удар за Москва, која отворено се противи на членство и за другите земјите од регионот во Алијансата.

Аналитичарите за односите на Русија со Западниот Балкан предупредија дека за Москва, политички, интересот е Балканот да се држи што подалеку од заедничкиот пазар на ЕУ и членство во Унијата и се противи на ширењето на НАТО.

Влијанието од Русија и Кина само ќе расте во регионот, предупреди Реуф Бајровиќ, ко-претседавач со невладината организацијата Алијанса Европа – САД. Според него, „ЕУ не го одржа ветувањето за јасна перспектива кон Северна Македонија и премиерот Зоран Заев и покрај промената на името и членството во НАТО, со што земјата се наоѓа во длабока политичка криза и Русија и Кина може да го пополнат вакуумот што го остава Унијата“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG