Линкови за пристапност

Протест на „Ние сме Македонија” во Вашингтон


Иселениците од глобалното непартиско движење изразија гласност против промена на името и побараа прекин на преговорите

Над 500-тини македонски иселеници излегоа на протест за прекин на преговорите за името и демонстрираа по Националното шеталиште во Вашингтон.

Протестот под мотото “Ние сме Македонија” (#WeAreMacedonia), како што наведе ова глобално непартиско движење, а чиј координатор е Обединетата македонска дијаспора (ОМД), има цел да се покаже гласност за одбраната на името на државата и идентитетот на нацијата, но и повик до актуелната американска администрација да ја подобри политиката кон Македонија.

Протестот започна точно на пладне по локално време во Вашингтон. Собирно место беше на Националното шеталиште меѓу улиците Џеферсон и Медисон, недалеку од Конгресот.

Присутните носеа македонски народни обележја, за да ја изразат, како што велат, македонската посебност, вклучувајќи го и 16-зрачното златно-жолто сонце од Кутлеш и златно-жолтиот двоопаш лав со круна на глава на црвена основа.

Слични протести со мотото “Ние сме Македонија” имаше во Њујорк, Чикаго, Торонто и Детроит.

Претходно, и Светскиот Македонски Конгрес ги осуди сите обиди за промена на државното име Македонија и на македонскиот идентитет. „Името и идентитетот не cе предмет на распродажба, трговија и преговори и македонскиот народ никогаш нема да се согласи тие да бидат променети“, обелоденија од СМК.

Оттаму повикаа дека „името Македонија е наследство од нашите претци и света обврска и должност е Македонија да им ја оставиме на идните генерации со истото име и македонскиот идентитет што ние сме ги наследиле“.

Од друга страна, заедницата на иселениците, „Форумот за демократска Македонија“, ја поздрави иницијативата за решавање на проблемот со името, што е главна пречка за интеграција во ЕУ и НАТО структурите. „Неодамнешната посета на медијаторот Метју Нимиц на Македонија, како и неодамнешната средба на премиерот Зоран Заев со неговиот грчки колега Алексис Ципрас во Давос, се силен импулс за конструктивни разговори кои би воделе кон достоинствено и прифатливо решение на овој повеќедецениски спор“, коментираа од оваа организација на македонските иселеници.

ФДМ ќе го поддржи исходот за кој граѓаните на Република Македонија, македонската Влада и сите учесници во преговорите ќе одлучат дека е решение на спорот. Според нив, решавањето на овој спор ќе ја отстрани најголемата пречка за влезот во ЕУ и НАТО, што пак за Република Македонија ќе отвори перспективи за многу позасилен економски развој и силни гаранции за стабилност и опстанок. Од Форумот ја поттикнуваат Владата во Скопје да не ги запостави реформите што ќе ја менуваат Република Македонија да стане општество за сите, а не “заробена и партиска држава”, каде правото ќе важи еднакво за сите, институциите ќе бидат во служба на граѓаните, а борбата со корупцијата и криминалот ќе бидат суштински, а не само декларативни заложби.

Став на Грција –

Врз основа на сложено ерга омнес име, може да се најде достоинствено, заемно прифатливо и одржливо решение на прашањето за името, а потребна е волја и од двете страни, вели портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос.

На последниот редовен брифинг со новинарите, Ѕанакопулос уште еднаш ги повтори грчките позиции во разговорите за името.

„Потребно ни е едно сложено име, кое ќе биде за сите употреби и ќе важи за сите“, изјави Ѕаканопулос.

Став на Македонија -

Македонија има на располагање четири опции за решавање на спорот за името со Грција, изјави неодамна македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за агенцијата Ројтерс.

Тој изрази надеж дека Македонија ќе го реши спорот навреме за да добие препорака за почеток на преговори со ЕУ во јуни и потврда на поканата за прием во НАТО во јули годинава, Тој предлага географска одредница во своето име, пренесе Ројтерс.

Предлозите се:

Република Северна Македонија,

Република Горна Македонија,

Република Вардарска Македонија

Република Македонија (Скопје)“.

Македонија под уставното име ја имаат признаено 137 држави, вклучувајќи ги и САД. Спорот за името е речиси колку и независноста на Македонија.

Според последната анкета на Гласот на Америка на македонски, на прашањето -

- Дали протестите можат да влијаат врз преговорите за името?

17 отсто одговориле дека може да помогнат во преговорите, 20 проценти сметаат дека ќе ги блокираат преговорите, а дури 62 отсто велат дека немаат никакво влијание врз преговорите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG