Линкови за пристапност

70 години Гласот на Америка


Американскиот претседател и истакнати светски личности преку видео-пораки се обратија на прославата во Вашингтон.

Американскиот претседател Барак Обама и други истакнати светски личности со видео-пораки се приклучија на денешната прослава во Гласот на Америка по повод 70-годишнината од првото емитување на програма.

Претседателот Обама даде заслуга на Гласот на Америка за пружањето на „веродостојни и објективни“ вести, на тој начин спротиставувајќи се на странските влади кои цензурираат и на режимите кои ги негираат основните човекови права.

Претседателот рече дека САД се посилни во светот поради ангажманот на Гласот на Америка.

Продемократската бурманска лидерка Анг Сан Су Чи рече дека годишнината на Гласот на Америка е како роденден на пријател и дека оваа и другите меѓународни станици и` биле меѓу ретките пријатели за време на годините минати во домашен притвор.

Духовниот водач на Тибет Далај Лама оцени дека тибетската редакција одиграла витална улога со емитувањето на непристрасни вести и рече дека новинските организации како Гласот на Америка се од клучна важност за развојот на демократските процеси.

Формиран од американската влада за време на Втората светска војна за да емитува програма на територијата на окупирана нацистичка Германија, Гласот на Америка еволуираше во глобална мултимедиумска организација која емитува програма на 40-тина јазици и неделно има публика од над 140 милиони лица.

Првата емисија на Гласот на Америка на кратки радио бранови на германски јазик беше емитувана на 1-ви февруари 1942-ра, а започна со: „Ова е Гласот на Америка... Вестите може да бидат добри, или лоши, но ние е ви ја кажеме вистината“.

Програмите на Гласот на Америка се емитуваат на телевизија, радио, Интернет и мобилни платформи, на повеќе од 1.200 партнерски станици ширум светот. Организацијата има 1.100 вработени во седиштето во Вашингтон, како и дописници од цел свет.

70-тата годишнина доаѓа во време кога Гласот на Америка е соочен со големи буџетски скратувања, како и останатите агенции во федералната влада. Некои јазични редакции се пред големи кратења во персоналот, па и евентуално затворање.

XS
SM
MD
LG