Линкови за пристапност

За каква „амнестија“ се залага ВМРО-ДПМНЕ?


Дали зад опозициските условувања за амнестија на сторителите во крвавиот инцидент на 27 април 2017, всушност, се крие обид за избегнување на кривична одговорност на обвинетите високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ?

Иако, официјално, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, како услов за деблокирање на политичкиот процес, покрај недвосмисленоста на референдумското прашање, вчера повторно побара од власта и реализација на договореното околу финансирањето на политичките партии и формирањето на техничка влада според „Пржинскиот модел“ - пред секои избори, правните експерти на оваа партија, наводно доставиле и барања до СДСМ за предлог- измени на Кривичниот законик.

Со измените би се редефинирале делата за злоупотреба на службената положба и овластувања и за изборни нерегуларности, какви во голем дел се токму случаите кои против раководството на ВМРО-ДПМНЕ, од времето кога претседател беше Никола Груевски, ги води Специјалното јавно обвинителство.

Според дел од медиумите и денешните објави на социјалните мрежи, опозициската ВМРО-ДПМНЕ побарала измени во членот 353 од Кривичниот законик, во однос на намалување на казните за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Со намалување на казните би се намалил и рокот за застарување на делата, па за дел од нив, главно сторени од 2011 до 2015 година, со намалување на казната од пет на три години, застарувањето кое се смета од датумот на сторување на делото, би настапило до крајот на тековната година. Така, обвинетите би поминале без казна, оти е невозможно во толку кус рок да се изрече правосилна пресуда, односно, поранешните челници на ВМРО-ДПМНЕ, обвинети од СЈО, би можеле да избегнат судски пресуди кои би значеле затворски казни. Но, на истиот начин, би дошло до застареност и за одделни кривични дела кои ги води Јавното обвинителство.

Премиерот Заев децидно најави дека „амнестија нема да има, ни директна ни индиректна. Ќе дадеме шанса на дијалогот и разговорот додека е возможно“. Но, дел од медиумите, веќе шпекулираа дека неполитичките барања на ВМРО-ДПМНЕ можеби ќе мора да се решаваат на средба во четири очи, на лидерите Зоран Заев и Христијан Мицковски, како и дека барањата за амнестија за учесниците во крвавите настаните во Собранието на 27 април минатата година, се само чадна завеса токму за да се постигне договор на релација опозиција-власт за избегнување на затворски казни за високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Иако е се уште отворено прашањето и за евентуален повик на раководството на опозицијата за бојкот на референдумот, сепак, се создава впечаток дека со сите условувања на опозицијата, всушност, се прави спин околу барањата од уличните протести за амнестија на учесниците од инцидентите од 27 април, како и дека и зад барањата на Мицковски за намалување на партиите и учесниците на лидерските средби, се крие уште еден обид за постигнување на некаков договор за „помилување“ на неговите сопартијци, директно со лидерот на опозицијата.

„ВМРО-ДПМНЕ единствено за што се залага е подобрување на законските решенија и применување на европските пракси, како и обезбедување на механизми за заштита на изразената волја на граѓаните. СДСМ треба да престане да ја дезинформира јавноста и да дефокусира од заложништвото во кое ја втурна прифаќајќи го штетниот договор со Грција“, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската партија тврди дека е апсолутно е неточно оти бара и преговара некаква амнестија. „Ваквите неточни брифирања од СДСМ се само обид да се дефокусира вниманието на јавноста од актуелните случувања поврзани со штетниот договор со Грција кој ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG