Власта смета дека тоа нема да се случи, кабинетот на Ѓорѓе Иванов молчи – засега тоа е ефектот од синоќешниот повик на ВМРО-ДПМНЕ до шефот на државата да донесе одлуки со кои би ги запрел, како што го нарекува опозицијата, политичкиот прогон против видни членови на партијата. Премиерот, денеска не сакаше во детали дa ја коментира можноста претседателот да го искористи правото и да го помилува екс-премиерот Груевски кој во наредните денови треба да се пријави на издржување на 2-годишна затворска казна.
„Не би сакал да коментирам таква работа зашто тоа е повик од поединци, ако навлезам во детали да ги коментирам тогаш можам да продуцирам несакани работи, така што јас не верувам дека ќе се случат такви работи во Македонија“, изјави премиерот Заев.
Од кабинетот на шефот на државата денеска не беа достапни за коментар на барањето на опозицијата испорачано на синоќешниот протест пред Скопскиот кривичен суд каде неколку стотина граѓани излегоа за да дадат поддршка на поранешниот партиски лидер и премиер.
„Го повикуваме претседателот Ѓорѓе Иванов, кој е единствениот политичар со кредибилитет кај граѓаните, да донесе одлука со кој ќе го прекине овој политички прогон што се спроведува во РМ“, коментира Александар Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пионот Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ треба да разберат дека нема да можат да го одбранат криминалот на нивниот ментор Никола Груевски“, и Костадин Костадинов од СДСМ.
Пред повеќе од 3 години, претседателот Иванов помилуваше 56-мина, од кои голем дел високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Груевски, инволвирани во случаи што произлегоа од масовното незаконско прислушување. По силниот домашен и меѓународен притисок Иванов ја повлече одлуката за аболиција.
Facebook Forum