Линкови за пристапност

Популарноста на социјализмот расте од двете страни на Атлантикот


Анкета на Галуп покажува дека мислењето на Американците за ова општествено уредување е најповолно од 1949 година наваму

За време на говор во Цирих на тема поврзана со економски национализам, американскиот десничар и поранешен главен стратег на претседателот Доналд Трамп, Стив Бенон категорично истакна дека „Популистичкиот бран во Европа не е завршен: Тој штотуку започна. Историјата е на нашата страна“.

Но, западните етно-националисти не се единствените што се убедени дека можат да профитираат од поместувањата во политичката средина. Покрај скорешните изборни неуспеси - од САД до Германија - нивните противници, левичарите, се убедени дека историјата е на нивна страна.

Стив Бенон, поранешен главен стратег на Трамп
Стив Бенон, поранешен главен стратег на Трамп

​Анкетите на двете страни од Атлантикот укажуваат дека и левичарите имаат добра основа за оптимизам, како нивните противници.

Анкета на Галуп, објавена во четвртокот, покажува дека мислењето на Американците за социјализмот е најповолно од 1949 година наваму, при што е зголемен бројот на тие што не го гледаат со потценување.

После речиси седумдесет години, американските погледи кон социјализмот се проширени
Френк Њупорт, Главен уредник на Галуп

„После речиси седумдесет години, американските погледи кон социјализмот се проширени. Додека многумина сè уште гледаат кон социјализмот како владина контрола врз економијата, како модифициран комунизам и како симбол за рестрикција на човековите слободи, зголемен е процентот на тие што ова општествено уредување го гледаат како репрезент за еднаквост, владина помош и бенефиции“, истакнува Френк Њупорт, главниот уредник на Галуп.

Според анализа на Националниот центар за социјални истражувања во Велика Британија, поддршката за повисоки даноци, за да има повеќе средства за трошоци од јавен интерес, рекордно пораснала. Истражувањето покажало дека 60 проценти од испитаниците се согласуваат да се зголемат даноците, а со цел да пораснат вложувањата во јавниот сектор. За споредба, поддршката во 2016 година била 49 проценти, а во 2010 само 31 процент.

Берни Сандерс во Конгресот на САД
Берни Сандерс во Конгресот на САД

Додека повеќето од медиумите од двете страни на Атлантикот претежно се фокусираат на десничарските популисти, поради серијата изборни успеси, од Галуп сепак забележуваат дека во изминативе неколку години „социјализмот повторно станал дел од јавните дискусии“.

Во САД, пак, реафирмирањето на дискусиите за социјализмот се должи на кандидатурата на социјалистот Берни Сандер, којшто во претседателската трка во редовите на демократите во 2016 година за малку ќе ја победеше поцентралистички ориентираната Хилари Клинтон.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG