Линкови за пристапност

Сенатот ќе гласа за два предлози за ставање крај на делумното владино затворање


Неизвесно, дали спротивставените предлози од демократите и републиканците ќе добијат зелено светло

Сенатот утре гласа за одделните предлози на републиканците и демократите за ставање крај на делумното владино затворање во САД, кое е веќе во петта недела.

Законот што веќе беше усвоен во Претставничкиот дом каде мнозинство имаат демократите, обезбедува владино финансирање до 8-ми февруари, овозможувајќи им на погодените агенции да почнат со работа додека двете политички страни дебатираат за пограничната безбедност. Во законот не се вклучени средства коишто претседателот Трамп ги бара за изградба на ѕидот меѓу САД и Мексико.

Републиканскиот план, пак, е базиран врз предлогот на Трамп да се потрошат 5, 7 милијарди долари за ѕидот и да се обезбеди привремена заштита за некои имигранти. Белата куќа објави дека Трамп треба да дискутира за планот со конзервативните лидери како и со државните и локалните официјални лица.

„Без ѕид нашата држава никогаш нема да има граница или национална безбедност“, објави Трамп преку Твитер и ги обвини демократите знаат за ова, но сакаат да играат политички игри.

Лидерот на мнозинството во Сенатот Мич Меконел изјави дека нема да стави на гласање ниту еден закон кој нема поддршка од Трамп и ги повика законодавците да гласаат за републиканскиот предлог.

„Пред нас имаме можност која што не смееме да ја пропуштиме“, рече Меконел, опишувајќи го законот како единствен предлог што може да биде потпишан од претседателот и веднаш да биде отворена владата.

Демократите коишто може да ја блокираат легислативата во Сенатот, изразија негодување дека со неа само привремено се отстранува заканата за депортирање на дел од имигранти кои што илегално биле донесени во САД како деца.

„Предлогот на претседателот е едностран, партиски и нема целосна поддршка“, лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер.

Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси оцени дека „нема оправдување“, сенатските републиканци да не го усвојат законот што веќе мина во Претставничкиот дом, подвлекувајќи дека претходно била поддржана слична легислатива.

Републиканскиот сенатор Марко Рубио од Флорида повика на компромис.

„Делумното владино затворање ќе продолжи се` додека двете страни не се спремни да преговараат. Потребни се две страни за компромис. Претседателот го презеде првиот чекор“, рече Рубио.

Меконел ги предупреди демократите да не брзаат при гласањето и да го отфрлат планот на републиканците.

„Ако го отфрлат предлогот, демократите ќе треба да ги приоритизираат политичките битки со претседателот и првенствено да размислат за федералните работници, за лицата опфатени со ДАКА, за пограничната безбедноста, за стабилно владино финансирање. Дали демократите сакаат да ја платат цената за пролонгирање на оваа епизода“, рече Меконел.

Делумното владино затворање се одразува врз повеќе од 800.000 федерални работници. Околу 420.000 се принудени да работат без плата, додека останатите се дома. Веќе не го примија првиот двонеделен чек, а и вториот нема да го примат во петок, ако не биде постигнат договор за буџетските трошоци во следните 48 часа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG