Линкови за пристапност

Жестока дебата на републиканските претседателски претенденти


Жестока дебата на републиканските претседателски претенденти
Жестока дебата на републиканските претседателски претенденти

Херман Кејн на удар со предлогот „9-9-9“

Планот за даночни реформи на републиканскиот претседателски кандидат Херман Кејн беше мета на напади од речиси сите други претенденти на синоќешната дебата во Лас Вегас, сојузната држава Невада.

Вжештената дискусија во сојузната држава Невада, што во ударен вечерен термин ја пренесуваше ТВ-мрежата ЦНН, го рефлектираше неодамнешниот подем на Кејн како еден од водечките кандидати во трката за републиканска претседателска номинација.

Кејн, кој е поранешен извршен директор на компанијата за производство на пици и кој нема искуство како политичар, го привлече вниманието со неговиот предлог наречен „9-9-9“- стапката на даноците на приход за корпорации, за поединци, како и на националниот данок на продажба – да изнесува 9%. Многумина од неговите опоненти го критикуваа планот, истакнувајќи дека тој само ќе ги зголеми даноците за Американците со ниски примања.

Кандидатите говореа и за американската помош за странство. Гувернерот од Тексас Рик Пери и конгресменот од оваа сојузна држава Рон Пол побараа големи кратења на трошоците за развој на други земји. Пери дури појде чекор понатаму, велејќи дека е време Америка “да спроведе сериозна дискусија да се прекине финансирањето на Обединетите Нации“.

Поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни, кој деновиве наидува на прашања за неговата вероисповед како мормон, истакна дека Американците треба да изберат претседател врз база на неговите политички погледи, а не верски убедувања.

Според анкетата на ЦНН спроведена пред дебатата, Ромни има мала предност за освојување на републиканската претседателска номинација со 26%, додека Кејн е веднаш зад него со 25%.

Ова беше петта републиканска дебата во последниве шест недели на која се расправаа веќе зачнатите теми како економијата, илегалната имиграција и безбедноста на границите.

Во синоќешното соочување во Лас Вегас учествуваа и конгресменката од Минесота Мишел Бахман, поранешниот сенатор на Пенсилванија Рик Санторум и поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич.

Поранешниот гувернер на Јута Џон Хантсман не учествуваше во дебата во Лас Вегас во знак на протест против одлуката на Невада да го промени датумот на прелиминарните избори во сојузната држава за 14-ти јануари.

Републиканската партија во Ајова, пак, ќе биде првата сојузна држава што ќе одржи прелиминарни избори за избор на партискиот кандидат за претседателските избори наредната година, закажувајќи ги на 3-ти јануари.

XS
SM
MD
LG