Линкови за пристапност

Актуелни и поранешни воени лидери предупредија за улогата на армијата во протестите


Припадници од Националната гарда беа распоредени во 31 сојузна држава за да им помогнат на тамошните локални агенции за заштита на редот и поредокот

Виши актуелни и поранешни американски лица од одбраната изразија загриженост дека армијата може да биде искористена за политички цели во време на националните протести против полициската бруталност, истовремено истакнувајќи ја потребата од еднаков третман за сите Американци и заложбата за заштита на уставните права на слобода на говорот и собири.

„Не можеме да толерираме расизам, дискриминација и повремено насилство“, изјави генералот на Националната гарда Џозеф Ленгил.

Припадници од Националната гарда беа распоредени во 31 сојузна држава за да им помогнат на тамошните локални агенции за заштита на редот и поредокот, како одговор на протестите коишто почнаа пред една недела поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд додека беше во полициски притвор.

Армиското присуство е најпроминентно во областа околу Вашингтон. Претседателот Трамп побара од гувернерите да испратат војници од Националната гарда во главниот град, и секретарот за одбрана Марк Еспер нареди 1300 активни припадници да бидат префрлени во бази во близина на Вашингтон и да бидат на готовс, ако бидат повикани да помогнат.

По неколкудневни помалку напнати денови од протестите во Вашингтон, официјални лица од Пентагон наредија околу 200 активни припадници на војската да се вратат дома. Но, по разговорите во Белата куќа, Еспер ја смени одлуката.

Трамп ја потенцираше потребата од ред и поредок, во време кога се нарече „сојузник на сите мирољубиви демонстранти“. Се закани дека ќе го активира законот од 1807-ма, којшто му овозможува на претседателот да распореди армиски сили на домашно тло да спречи граѓанско непочитување на редот и поредокот, поттикнат од неодамнешните ограбувања и палења од страна на делумно мирните демонстранти.

Секретарот Еспер рече дека не поддржува активирање на тој закон.

“Можноста да се користи активната војска за воспоставување на редот и поредокот е последна опција, и само во итни и критични ситуации. Сега не се наоѓаме во таква ситуација“, рече тој.

Поранешниот началник на американските здружени воени сили, адмиралот Мајк Мулен исто така изрази противење во магазинот Атлантик.

„Не сум убеден дека условите по улиците, колку и да изгледат лоши, го оправдуваат големото присуство на армијата“, напиша Мулен.

И поранешни први луѓе на Пентагон изразија негодувања за вклучувањето на армијата во настаните по улиците на Вашингтон.

„Не ми се допадна како безбедносни лица, вклучувајќи и членовите од Националната гарда, насилно ги истуркаа демонстрантите од паркот Лафајет, за да може претседателот да стаса до Црквата Свети Џон, заедно соактуелниот началник на здружените вооружени сили на САД, генералот Мајк Мајли и секретарот Есперт“, рече Мулен.

И поранешниот секретар за одбрана Џим Матис во магазинот Атлантик напиша дека не ни „помислувал дека ќе следи наредба врз војниците да ги попречат уставните права на сограѓаните, за една бизарна фото-сесија на главниот командант со армиското водство до него“.

Секретарот Еспер ја правдаше одлуката дека не знаел каде се испраќаат војниците и каков план имале. Тој рече дека планирал за тоа да зборува со припадниците на Националната гарда во паркот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG