Линкови за пристапност

Надворешната политика во раната претседателска кампања


Со инволвираноста на САД, дипломатски и воено, во конфликти во светот, надворешната политика е високо на агендата на кандидатите

Републиканците и демократите и официјално ги објавија кандидатите за претседателската трка во 2016-та.

Надворешната политика е главна тема на трката во време кога САД се вклучени во решавање на дипломатски и воени конфликти ширум светот.

Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон е засега единствена демократка и голема авторка на актуелната американска надворешна политика, која не се очекува да се соочи со сериозен партиски конкурент. Но, има неколку републиканци коишто може да се приклучат на трката со Ранд Пол од Кентаки, Марко Рубио од Флорида и Тед Круз од Тексас.

Речиси 20 републиканци-потенцијални кандидати дискутираа за надворешната политика на конференција викендов во Њу Хемшир, мала североисточна држава која игра голема улога во претседателскиот процес на номинирање, имајќи ги едни од првите прелиминарни гласања.

Сенаторот од Кентаки, Пол, рече дека САД честопати создаваат поголема неизвесност со ангажман во подрачја каде владее хаос.

Тој целосно не ја отфрла употребата на воена сила, велејќи дека неодамна предложил декларацијата за војна против милитантите до Исламската држава.

Круз беше поагресивен. „Начинот да се порази Исламската држава е едноставна и јасна армиска цел. Ќе ги уништиме. Дваесет мсеци од денес замислете врховен командант кој ќе застане пред вас и ќе објави – ќе го уништиме радикалниот исламски тероризам“, порача кандидатот од Тексас.

Во интервју за емисијата „Средба со нацијата“ на ЦБС, Рубио ја критикуваше политиката на Клинтон за „ресетирање“ на односите со Русија, како и нејзината реакција по убиството на четворица Американци во 2012-та во американскиот конзулат во Бензаги, Либија.

„Денес, сојузниците помалку ни` веруваат. Непријателите помалку стравуваат од нас. Америка има помалку влијание во светот отколку пред четири до шест години“, рече Рубио.

Претходно на конференцијата, поранешниот гувернер Џеб Буш, чиј брат, претседателот Џорџ Буш ја авторизираше инвазијата врз Ирак во 2003-та, призна дека има промена во неговата партија против нова воена акција во странство.

Тој рече „нашите непријатели треба да се плашат од нас, доволно за да не креираат несигурност“. Тој рече дека обновувањето на сојузништвото, кое ќе создаде помала веројатност за копнени трупи на теренот, треба да биде прв приоритет на идниот претседател.

Сенаторот од Јужна Каролина Линзи Грам кажа дека милитантите „треба да се победат на нивни терен, пред да може да дојдат овде“.

Бизнисменката Карли Фиорина се заложи за порешителна надворешна политика. „Светот е поопасно и потрагично место кога Америка не предводи. А Америка не е во водство веќе подолго време“, рече таа.

Коалиционите сили предводени од западни и арапски нации изведуваат воздушни напади против цели на Исламската држава во Ирак и во Сирија. Американски советници им помагаат на ирачките безбедносни сили за операциите против Исламската држава во северен и западен Ирак.

Клинтон ќе биде во Њу Хемпхир неделава. Таа победи на прелиминарното гласање овде во 2008-ма, пред да ја загуби демократската номинација од Барак Обама.

XS
SM
MD
LG