Тројца од четворицата републикански претенденти за претседателските избори денес ќе настапат на собир на конзервативни активисти во Вашингтон.
Мит Ромни, Рик Санторум и Њут Гингрич ќе говорат на годишната Конференција за конзервативна политичка акција, само неколку дена откако Санторум, поранешниот сенатор од Пенсилванија, оствари тројна победа на прелиминарните избори во сојузните држави Мисури, Минесота и Колорадо.
Победите го зацврстија статусот на Санторум како кандидат со изгледни шанси, а истовремено покренаа нови сомневања - дали поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни може да ја освои поддршката на конзервативната база во Републиканската партија?
Статусот на Гингрич како поконзервативна алтернатива на Ромни претрпе удар по слабиот учинок на изборите во Флорида. Поранешниот претседател на Претставничкиот дом не беше убедлив и на изборите во Колорадо, каде заврши како трет, и во Минесота, каде беше последен.
Во републиканската трка за Белата куќа учествува и тексашкиот конгресмен Рон Пол.