Линкови за пристапност

Амбасадорката Хачисон: Без САД, европските сојузници не би презеле одлучни акции со НАТО


Силни трансатлантски врски се стожерот на НАТО, изјави Хачисон

Aмбасадорката на САД во НАТО Кеј Бејли Хачисон зборуваше на настан организиран од Фондацијата Херитиџ во Вашингтон – „Зошто на САД ѝ е потребен силен НАТО?“, при што истакна дека Алијансата со години ги надминува границите на нејзиниот првичен географски фокус на делување. Таков е случајот со Авганистан, кога во случај на закана од тероризам беше активиран членот 5, и тоа се случи за прв пат во историјата на НАТО, и тоа поради нападот врз Америка на 11-ти септември, 2001-ва. „Алијансата мораше во Авганистан да го запре ширењето на тероризмот“, потсети Хачисон.

И натаму, еден од главните предизвици на Алијансата е кој колку придонесува и издвојува во заедничкиот буџет на НАТО, изјави поранешната сенаторка од Тексас, која верува дека проширувањето на НАТО е добар процес.

„Трансатлантските врски се стожерот на НАТО. Комбинацијата на САД и европските партнери е најдобро решение. Без лидерството на САД, сојузниците не носат смели одлуки во Алијансата“, рече Хачисон, но потсети на заложбата на претседателот Трамп за поголемо финансиско учество во заедничкиот одбранбен буџет на НАТО.

Алијансата се адаптира на новите предизвици, рече Хачисон, иако призна дека има нови закани, и го издвои меѓународниот екстремизам и тероризам. Според неа, потребно е поголемо вклучување на НАТО во Ирак, преку обука на ирачките војници.

Таа рече дека нов предизвик за НАТО е олеснување на односите со Русија, коишто, по припојувањето на Крим од страна на Москва во 2014-та, се на пониско ниво.

Како што рече, служела во Сенатот под четворица претседатели, но ја повтори заложбата на актуелната администрација за издвојување на 2% од домашните буџети на членките за одбраната и истакна дека буџетот на НАТО во 2017-ма е зголемен за 130 милијарди долари, а до 2024-та се проценува да се зголеми на 400 милијарди долари.

За Северна Македонија, амбасадорката Хачисон истакна дека со нетрпение ја очекува 30-тата членка на НАТО, која, според неа, дополнително ќе ја зајакне кохезивноста на Алијансата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG