Линкови за пристапност

Предизборни шпекулации со Преспанскиот договор


„Она што ме загрижува е обидот да се збунат луѓето за влијанието на Преспанскиот договор врз земјата, за придобивките од создавањето на новите можности, порача американската амбасадорка Брнс

По најавите на претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека веднаш по освојувањето на власта на парламентарните избори во април, повторно ќе се разгледува Преспанскиот договор со Грција, со закана до актуелната власт, но и до соседна Грција и меѓународната заедница - дека е отворена можноста и за негово укинување, американската амбасадорка Кејт Мери Брнс, излезе со дециден став против манипулациите со евентуална ревизија на постигнатиот компромис.

Според неа, покрај решението на проблемот со името со Грција, Преспанскиот договор поставил и темел за евроатлантската иднина на земјата, и неопходно е - граѓаните да не бидат збунувани и заведувани, како и да бидат точно информирани за да ги проценуваат неговите придобивки.

„Не станува збор само за името, туку за создавање на можности за луѓето во земјата и регионот. Важноста на Преспанскиот договор е што тој потврдува дека земјите мора да направат тешки компромиси и да градат посветла иднина… Она што ме загрижува е обидот да се збунат луѓето за влијанието на Преспанскиот договор врз земјата, за придобивките од создавањето на новите можности, продлабочување на регионалната соработка, привлекување на странските инвестиции и создавање на позитивна иднина. Кога ќе слушнат за промена, за укинувањето на Договорот, мислам дека луѓето треба да знаат и да размислуваат за придобивките што доаѓаат од истиот”, изјави амбасадорката Брнс.

И во едно телевизиско интервју, Брнс изрази оптимизам, посочувајќи на процесот на ратификација за македонското членството во НАТО кој е при крај, како и на позитивните изјави на лидерите на ЕУ за значаењето на Република Северна Македонија и за перспективите за нејзината интеграција и почетокот на преговорите со ЕУ. Таа наведе дека најавите за ревизија на Преспанскиот договор не треба да ги зaвeдyваат граѓаните во поглед на ризикот што со себе го носи таквиот процес. Амбасадорката ја истакна важноста на конструктивноста при одржувањето добри односи со соседите и на јасната порака за подготвеност на Македонија за соработка со соседите за евроатлантските аспирации, како и на процесот на трансформација што се случува во државата преку изнаоѓањето решенија и надминувањето на отворените прашања со соседите: „Да се заштити таа трансформација, да се продолжи со движење напред и да не се загpoзат сите овие достигнувања со гледање наназад, е нешто што се надеваме дека луѓето ќе го сфатат многу сериозно“.

Американската амбасадорка неодамна разговараше и со осумтемина независни пратеници, поранешни членови на парламентарната ВМРО-ДПМНЕ, и по таа средба напиша на својот профил на Твитер дека одржала продуктивна средба „со групата независни пратеници за важноста од поддршката на континуираните реформи, вклучувајќи го и Законот за јавното обвинителство, кој ги унапредува целите за владеење на правото, транспарентност, одговорност и добро владеење“.

И додека во дел од медиумите, јавните настапи на Брнс беа протолкувани како порака до македонската опозиција да избегнува предизборни манипулации за збунување на јавноста преку шпекулации и закани за наводна ревизија на Договорот, и како желба за стабилизирање на политичката сцена во земјата и на нејзините евроатланстки интеграции, со заложбите за донесување на актуелниот „камен на сопнување“ – Законот за јавно обвинителство, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како реакција на пораките на амбасадорката, изјави дека нејзината насока „е сосема поинаква од суштината која некои сакаат да ја презентираат“.

„Насоката е да не се злоупотребува Преспанскиот договор во кампањата. Вели, имате други проблеми… Да не биде Преспанскиот договор тој на кој се прекршуваат копјата. Суштината е да не се споменува и злоупотребува во изборната кампања. Тоа е нејзин легитимен став. Јас последен пат како што се сеќавам, живеам во демократска држава, и не треба да се суди за различно мислење, рече Мицкоски на гостувањето во една национална телевизија.

По ваквата изјава на Мицковски, и аналитичарот, професор д-р Јове Кекеновски, денеска го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, да не ги манипулира граѓаните со наводно ревидирање на Преспанскиот договор, посочувајќи и негови и партиски -контрадикторни изјави за и околу Преспанскиот договор од минатото и директно го обвини опозицискиот лидер за неискрен однос околу ова прашање.

А по средбата на раководството на ВМРО-ДПМНЕ со амбасадорката Брнс, минатиот месец, во партиското соопштение беше наведено дека лидерот Мицковски потенцирал оти „САД е стратешки партнер на Република Македонија и се заблагодари за помошта која нашата држава ја добива од осамостојувањето до денес. Мицкоски истакна дека членството во ЕУ ќе биде клучна стратешка определба на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека партијата има визија и план како да ја стави државата на брза патека за исполнување на оваа цел“.

Но, поинаква порака до амбасадорката Брнс деновиве испрати членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, актерот Тони Михајловски, кој ѝ порача и таа да се приклучи во „борбата за слобода и човекови права, затоа што тоа е во дyхот, пред сѐ, на вашиот народ и одлика на вашата земја“.

„Почитувана, не би сакал да ме разберете погрешно, но погрешно е веќе самото тоа што Вие нас нѐ плaшитe од ревизија на cpамниот, и пред сѐ, нечoвeчниот договор со соседната ни држава, Грција. Па, тоа ќе биде нашата борба во следниве години. Тоа ќе биде борба на сите оние што не се согласуваме со нacилното и пoдмoлно менување на името. Борбата на Патpиoтите... Ако навистина стоите зад демократските принципи ќе ни се придружите и ќе ни помогнете да си го вратиме она што нa cила ни беше земено. Името Македонија“, напиша Михајловски во пораката до амбасадорката и до јавноста.

Паралелно, самиот лидер Мицковски вчера потенцираше дека „не е демократски и не е во духот на вредностите да им забраните на луѓето да се борат да ја исправат неправдата којашто тие мислат дека им е нанесена“.

Според него, партијата ВМРО-ДПМНЕ „стотина пати го повторила истото, кажано е дека не треба да се дозволи ниту политичарите, или било кој друг, да ја игнорира реалноста, но тоа не значи дека треба да им забранува на граѓаните да да се борат и со тоа да ја исправат таа неправда со Договорот од Преспа“.

XS
SM
MD
LG