Линкови за пристапност

Документарецот „Отворање на врати“ - портрет на Срѓан Керим


Документарецот „Отворање на врати“ - портрет на Срѓан Керим
Документарецот „Отворање на врати“ - портрет на Срѓан Керим

Видео-записот на режисерката Бренда Вонгова го следи претседателствувањето на реномираниот македонски дипломат во, но и зад сцената, во периодот меѓу 2007-2008-ма

Њујорк средата навечер беше сцената на која се одржа промоција на документарниот филм „Отворање на врати“ што го портретира претседавачот со 62-рото генерално собрание на Светската организација Срѓан Керим. Во филмот, десетина актуелни и поранешни дипломати, политичари, холивудски ѕвезди, говореа за визијата и заложбите на Керим додека беше на функцијата.

Видео-записот на режисерката Бренда Вонгова го следи претседателствувањето на реномираниот македонски дипломат во, но и зад сцената, во периодот меѓу 2007-2008-ма, време на големи предизвици за Светската организација во справувањето со климатските промени, хуманитарната помош за погодените региони и растечкиот бран на тероризам.

Промоцијата се одржа пред бројни дипломати, верски лица и њујоршкиот џет-сет.

Домаќин на настанот беше амбасадорот на Катар во ОН, Насир ал Насер.

Обединувач, застапник на гласот и на најмалите.во глобалната дипломатска активност - со суперлативи за Керим се изјаснија бројни тогашни амбасадори.

Успешен во артикулирање на разните погледи и гледишта за клучни теми од интерес на ОН, премостувач на јазови, го нарекоа од дипломатскиот кор.

Генералниот секретар на ОН Бан ки Мун го именуваше за негов специјален пратеник за климатските промени по завршувањето на мандатот. Керим обедини бројни претседатели, филантропи и филмски ѕвезди околу идејата за поголема солидарност и справување со предизвиците пред човештвото. За прв пат по 30 години, токму за време на неговото претседавање со Генералното собрание, еден папа се обрати од главната говорница.

„Моето разбирање за дипломатите е секогаш да се обидуваат да отвораат врати, иако честопати тие се затворени. Понекогаш, мора да отворите прозорци, но ако и тие се затворени, трета шанса ви е оџакот“, со насмевка вели Керим во филмот.

Режисерката Бренда Вонгова, која била дел од Кабинетот на Керим за време на неговото претседавање со Генералното собрание, вели дека и` било задоволство да соработува со него. Го окарактеризира како отворен, срдечен, флексибилен, неуморен професионалец од кого многу научила.

„Сакав публиката повеќе да научи за работата на Генералното собрание. Честопати, јавноста не е доволно информирана што работи Генералното собрание, затоа што Советот за безбедност е секогаш во вестите. Сметам дека на јавноста и е потребен продукт, кој може да ја образува самата јавност за неговата улога“, вели Вонгова за причините да ја документира работата на Керим.

XS
SM
MD
LG