„Обединетата македонска дијаспора (ОМД) се залага за правата и интересите на сите Македонци низ светот, без разлика дали се работи за оние со постојано живеалиште во татковината или надвор од неа. Сметајќи дека одрекувањето од сопственото име и посебност, по пат на манипулативен и консултативен референдум кој има за цел да валоризира политичко самоволие и исполни ултиматум за евентуално (незагарантирано) членство во евроатлантската алијанса, ОМД се залага за бојкот на референдумот како единствено достоинствено решение во заштита на националниот идентитет и суверенитет на Република Македонија!“, се вели во денешното соопштение на ОМД, насловено како „Појаснување за ставот на ОМД по основ бојкот на референдумот“.
ОМД тврди дека од основањето, ставот на организацијата по основ на референдумот за името на Република Македонија е непроменет и недвосмислен во својата суштина и дека ОМД како најголема и независна организација на македонската дијаспора, децидно ќе се спротистави на промена на името.
Според ОМД, ниеден „политички субјект не располага со мандат да преговара или уште помалку договара промена на македонското име, идентитет и Устав“, и затоа „повеќе од една деценија, ОМД повикува на прекинување на преговорите за промена на името кои нанесоа поголема штета отколку бенефит за Република Македонија“.
ОМД соопштува дека не дозволува нејзиниот став да биде (зло)употребен за политичко-партиски колективни или индивидуални интереси и дека додека „сите неистомисленици и неподдржувачи на владините аспирации се генерализираат како проруски активисти“, организацијата останува децидна во својот став за бојкот на претстојниот референдум. Во соопштението се потенцира дека ОМД е „невладина, непартиска и независна организација, која не е дел од Меморандумот за бојкот на референдумот потпишан на 5 август 2018 година од 28 организации, граѓански иницијативи и политички партии“. Според соопштението, „проруските и анти-интегративни политики во НАТО и ЕУ на некои од носителите на Меморандумот, се спротивни на ставовите на ОМД за НАТО и ЕУ интеграција на Република Македонија под нејзиното уставно име и унифицираните (а не двојни) стандарди за членство“.
Другата организација на македонските иселеници, Форумот за демократска Македонија, чиј став беше очекуван деновиве, го поздрави „долгоочекуваното распишување на референдумот за Договорот за името со Република Грција, чиј исход е клучен за евроатлантските интеграции на Република Македонија: долгорочна стратешка определба на мнозинство граѓани на Република Македонија, како и на членовите на нашата организација“.
Во денешното соопштение, ФДМ строго ја осуди блокадата на распишувањето на референдумот од најголемата опозициска партија во државата, оценувајќи ја како „погазување на правото на граѓаните на Република Македонија да ја изразат својата демократска волја, но и на долгорочната, јавна и заедничка определба на двата најголеми политички фактори во државата за референдумско изјаснување по ова прашање“.
Според ФДМ, „референдумот е дел од поширока визија за иднината на земјата која не треба да врзува со поддршка за СДСМ и за нејзините потфрлања во реформските процеси, ниту пак, за ВМРО-ДПМНЕ, која го критикува референдумот, без да понуди јасна алтернатива. Референдумското изјаснување е можност граѓаните да покажат сопствено размислување и да донесат одлука во натпартиски контекст“.
Форумот се противи на секаков обид за условување на референдумскиот процес и на евентуалните уставни промени кои би произлегле од него - со амнестија за низата кривични дела за кои се сомничат поединци од претходната власт и изразува уверување дека „ваквата амнестија би претставувала фатален удар за владеењето на правото во Република Македонија и за демократскиот кредибилитет на нашата држава“.
ФДМ е резервиран околу консултативната природа на референдумот како неутрализирање на евентуалниот бојкот. За организацијата, неизјаснувањето на граѓаните на референдумот претставува легитимно демократско право, како и директното изјаснување со гласање „за“ или „против“. ФДМ потенцира и дека компромисен договор со Република Грција претставува неизбежен услов за евроатлантските интеграции на Република Македонија, без оглед на напредокот на внатрешните реформски процеси, а надминувањето на спорот за името со Република Грција е премногу важно за да се сведе на поделба на гласачкото тело на табори според партиски (не)симпатии.
Најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ и денес не излезе со официјален став, туку лидерот Христијан Мицковски само најави дека одговорот на прашањето - дали партијата ќе повика на бојкот или на гласање против на референдумот, ќе биде даден дури - до 10 септември. Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов во контроверзниот илинденски говор, беше дециден дека не се согласува со Договорот со Грција и не го прифаќа формулираното референдумско прашање.
Иако опозициската партија официјално испрати соопштение во кое се вели дека „ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија која своите чекори внимателно ги влече и анализира, водејќи се од интересот на граѓаните и во периодот што следи, во наредните неколку недели, ќе расправа за ова прашање и ќе се консултира со граѓаните и членовите, партиските органи и тела, по што ќе биде известена јавноста”, некои од поекспонираните членови, веќе излегоа во јавноста со став дека ако понудениот договор не го прифатат граѓаните и Собранието, по промената на власта, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да преговара со актуелните или со други грчки власти и да постигне подобар договор!
И додека медиумите пренесуваат ставови на дел од експертите, според кои пропаѓањето на актуелниот процес ќе значи и зајакнување на влијанието на Русија во регионот, владеачкиот СДСМ денеска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер за немање став.
„Десет години, во секој јавен настап, во секоја изборна програма, ВМРО- ДПМНЕ тврдеше дека граѓаните ќе го имаат последниот збор за решението за спорот со Грција, на референдум... Прашањето е едноставно: или е за иднина и членство во НАТО и ЕУ, или е за изолација?
Доколку Мицкоски не ги повика членовите на ВМРО-ДПМНЕ да излезат на референдум и да изберат иднина, ќе покаже дека лажеле со години и дека всушност, се за изолација. Заради амнестија на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски се обидува да ја турка Македонија во изолација и неизвесност“, порачува СДСМ, која потенцира и дека „Македонија е далеку посилна од антидржавното однесување на Мицкоски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ“.
Неофицијално, во септември, кампања за референдумот ќе води и Делегацијата на Европската унија во Скопје, а во подготовката на информативната кампања на Владата за референдумот, ќе учествуваат и британски и американски експерти.