Линкови за пристапност

ЕУ може да го одложи договорот со Украина


Документот што беше причина за протестите кои доведоа до соборување на претседателот - со неизвесна иднина

Новиот украински министер за економија Павло Шеремета објави на прес-конференција во Киев дека Пактот за слободна трговија со ЕУ може да биде одложен за неколку месеци.

Таканаречениот Договор за асоцијација со ЕУ беше главна причина за протестите против сега соборениот претседател Виктор Јанукович, кој одби да го потпише, претпочитувајки поблиски врски со Русија.

Пред три дена официјални лица од ЕУ соопштија дека се подготвени да го потпишат Договорот за стабилизација и асоцијација со Украина, кога за тоа ќе бидат спремни новите лидери на земјата. Одложувањето предизвика збунетост меѓу украинските парламентарци кои беа во првите редови од протестите против претседателот Јанукович на Плоштадот на независноста.

Тие стравуваат дека секое одлагање може повеќе да има врска со дипломатските напори за изнаоѓање решение за политичкиот ќорсокак во Крим, каде руските сили продолжуваат да ги консолидираат армиските редови, според независни набљудувачи.

Украинската законодавка и активистка за човекови права Лесиа Оробец смета дека секое одложување ќе ја поткопа поддршката во јавноста за Договорот за асоцијација и стабилизација и ќе ги подгрее шпекулациите за недостиг на решителност кај ЕУ да застане одлучно против Русија во конфронтацијата околу Крим.

Министерот за економија Шеремета, кој рече дека негов приоритет е обезбедување ликвидност на државните банки и одржување преговори со заем со ЕУ и ММФ, вели дека одложувањето на потпишувањето на договорот со ЕУ нема да предизвика голема штета.

„Се работи за три месеци. Нема голема итност. Сите знаат дека изразивме волја да го потпишеме, и мислам дека во моментов, тоа е доволно“, рече министерот за економија на Украина.

Про-европските активисти, кои и натаму се наоѓаат на плоштадот на независноста во Киев веќе изразија незадоволство од изјавата на британскиот премиер Дејвид Камерон дека нема да ја исклучат Русија од финанските пазари и оти сега ја доведуваат под прашање и потребата од одложување на потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација.
XS
SM
MD
LG