Американската агенција за глобални медиуми (USAGM) ги истражува обвинувањата дека репортер на мрежата на ТВ Марти, со мандат да емитува објективни вести во Куба, лажирал напад со проектил за време на телевизиско јавување од Никарагва.
Репортерот од ТВ Марти, кој е во средиштето на обвинувањата за лажни вести е Томас Регаладо – јуниор, син на директорот на Канцеларијата за емитување во Куба Томас Регаладо – сениор, чиј еден од неговите приоритети беше кревање на новинарските стандарди.
Медиумите на шпански јазик CiberCuba и Cubanos por el Mundo неодамна го покрена прашањето за валидноста на извештајот на ТВ Марти од ноември 2018-ма, во кој Регаладо јуниор известува од улиците на Манагуа, главниот град на Никарагва, кога мала експлозија одекнува директно пред него.
Независните кубански медиуми обезбедиле материјал од терен кој покажува дека нападот е исцениран, за да се прикаже дека новинарот бил предмет на напад. Видеото покажува како маскирани лица фрлаат мала експлозивна направа, а потоа камерата го покажува Регаладо јуниор, како трчајќи бега од местото додека другите му се исмеваат.
Регаладо јуниор и камерманот Родолфо Хернандез се суспендирани и во моментов се води истрага против нив во Агенцијата за глобални медиуми.
Хернандез во декември беше награден со престижната новинарска награда Дејвид Бурк за “посветеноста и ентузијастичко известување“ од Никарагва и други држави во регионот.
Извршниот директор на американската Агенција за глобални медиуми Џон Ленсинг преку е-маил оцени „дека сериозно го сфаќа секое кршење на професионалните новинарски стандарди во која било мрежа под капата на USAGM“. Тој изјави дека очекува сите „медиумски мрежи на Агенцијата да се придржуват „до вистината, до балансираност и одговорност при известување“.
Алекс Отаола од невладината група Cubanos por el Mundo беше еден од првите коишто го постираа видео-материјалот за наводно лажирање. Ако се покаже дека инцидентот е навистина лажен, тогаш таквата медиумска манипулација ја оштетува кридибилноста на сите новински организации и опозициони групи кои се обидуваат да допрат до јавноста во Куба, каде комунистичката влада цврсто ја држи контролата врз медиумите во земјата.
Регаладо сениор, директор на Канцеларијата за емитување во Куба и поранешен градоначалник на Мајами, за Њујорк тајмс, изјави дека барал да биде изземен од истрагата за синот, и најави дека планира да продолжи со водечката улога во организацијата.
Агенцијата за глобални медиуми се справува со други етички кршења на новинарските стандарди. Виш вработен во Агенцијата се изјасни за виновен дека проневерил речиси 40.000 долари владини средства со фалсификување на хотелски и сметки за такси, при што и наплатувал на Агенцијата за лични патувања и промовирања на неговата книга при викенди.
Во октомври, 15 новинари од јазичниот сервис на Хауса во Гласот на Америка, беа отпуштени или дисциплинирани за примање поткуп од нигериски официјален претставник. Шефицата на мандаринскиот сервис беше отпуштена зашто му овозможила на кинески милијардер во егзил да изнесе непотврдени обвинувања против официјални лица во Пекинг за време на проширено интервју во живо на програмата на Гласот на Америка.
И Џон Ленсинг и директорката на Гласот на Америка Аманда Бенет се назначени од поранешниот претседател Барак Обама.
Претседателот Доналд Трамп го номинираше Мајкл Пек, конзервативен режисер да ја предводи Агенцијата за глобални медиуми, но Сенатот треба допрва да гласа за номинацијата.
Facebook Forum