Линкови за пристапност

Претседателот Трамп бара аудио и видео докази за исчезнатиот саудиски новинар


„Саудиска Арабија ни е потребна во борбата против тероризмот, се` што се случува во Иран и на други места“, вели Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака аудио и видео докази од турските разузнавачки служби, како што рече, „ако постојат“, за исчезнувањето на саудискиот новинар кој беше стациониран во САД. Турски официјални лица, велат дека бил убиен од саудиски агенти во конзулатот на Ријад во Истанбул.

Барањето на претседателот Трамп од Белата куќа доаѓа во време кога изрази поддршка за Саудиска Арабија, долгогодишен сојузник на САД, и рече дека очекува истрагата за исчезнатиот новинар Џемал Кашоги да биде завршена до крајот на неделава. Саудиска Арабија негира дека го убила Кашоги.

Кога бил запрашан што ќе стори ако се покаже дека саудиските лидери, Кралот Салман и Принцот Мухамед бин Салман се одговорни, Трамп за Фокс Њуз рече дека „се надевам дека ќе бидат на добрата страна“.

„Саудиска Арабија ни е потребна во борбата против тероризмот, се` што се случува во Иран и на други места“, вели Трамп.

Запрашан дали САД треба да се да дистанцираат од Саудиска Арабија поради случајот Кашоги, Трамп рече дека „не би го посакувал тоа со оглед на големата нарачка од Ријад во висина од 110 милијарди долари во вид на воена опрема и оружје од САД“.

„Се надевам дека истрагата ќе покаже дека кралот и принцот не знаеле за тоа. Тоа ќе биде големо во моите очи“, изјави претседателот на САД.

Изјавите на Трамп доаѓаат во време кога државниот секретар Мајк Помпео ги заврши посетите на Саудиска Арабија и на Турција.

Помпео се сретна со турски официјални лица, вклучувајќи го и претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Претходно саудиските лидери изјавија дека резултатите од истрагата за исчезнувањето на новинарот ќе им ги покажат на целиот свет.

Помпео јавно не коментираше за разговорите со Ердоган, или со министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Шефот на американската дипломатија Помпео е на пат за Вашингтон и на новинарите им рече дека САД „треба да ги знаат сите факти пред да го формулираат соодветниот договор“, ако Саудиска Арабија се докаже дека е одговорна за исчезнувањето на Кашоги.

Стејт департментот објави соопштение, во кое се вели дека Помпео ја изразил загриженоста на САД за исчезнувањето на новинарот Џемал Кашоги, и ја повтори заложбата на САД да и` помогне на Турција во истрагата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG