Четвртина од владините служби, агенции, процеси ќе бидат затворени во петок на полноќ, доколку не биде постигнат договор меѓу Белата куќа и Конгресот за новиот буџет, а којшто го вклучува и барањето од Доналд Трамп за финансирање на ѕидот долж границата со Мексико.
Финансирањето за три четвртини од владините служби веќе е одобрено до септември, но останува да се даде зелено светло за буџетот наменет за Одделот за национална безбедност, како и можните средства за ѕидот, којшто беше главен адут во изборната кампања на Трамп во 2016 година.
Претседателот бара 20 милијарди долари за финализирање на пограничниот проект, но на тоа се спротивставија демократите и дел од републиканците. Демократите понудија максимални 1,6 милијарди долари. Но, нивната понуда е за зацврстување на граничната безбедност, а не конкретно за изградба на ѕидот.
Минатата недела Трамп рече дека веројатно ќе ја затвори владата доколку не биде одобрен буџет за ѕидот. Сепак, за да не дојде до целосно исклучување на владата, можно е до петок да биде постигнат своевиден превентивен договор со кој до крајот на годинава би се спречило замирање на владините операции и служби.
Покрај Одделот за национална безбедност, под прашање е доведено финансирањето и на Стејт департментот, Одделот за правда, како и Одделот за внатрешни работи.
Доколку се случи исклучувањето, тогаш околу 380.000 вработени во државните агенции би можеле да бидат привремено отпуштени. Околу 420.000 лица, пак, кои се сметаат за „потребни“, ќе очекува да останат на работа.
Гласот на Америка, агенција којашто исто така е под владина капа, ќе продолжи да емитува програма. Исто така со работа ќе продолжат и контролорите во авио-сообраќајот, агентите на ФБИ, припадниците на Администрацијата за безбедност во транспортот, како и агентите од Тајната служба, чија задача е заштита на претседателот. Сепак, иако нема да бидат отпуштени, веројатно нема да добијат плати додека не се надмине ситуацијата со владиното исклучување.