Линкови за пристапност

Без договор Трамп – Ким Јонг Ун на Самитот во Виетнам


Меѓусебните разлики за укинувањето на американските санкции причина за прерано завршување на Самитот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Самитот со севернокорејскиот претседател Ким Јонг Ун заврши денеска без договор поради разликите за укинување на американските санкции.

„Секогаш треба да си подготвен да заминеш“, рече Трамп и додаде дека „можел нешто денес да потпише“, и „имало подготвени документи од договорот на маса“.

Трамп изјави дека Ким сакал целосно укинување на американски санкции, а САД не се спремни за таков чекор во овој момент.

„Тие изразија спремност да отстранат голем арсенал од областите од коишто инсистиравме, но не можеме да ги укинеме сите санкции“, рече претседателот.

Денешните средби завршија предвремено, и Трамп и Ким немаа планиран заеднички ручек и ја откажаа церемонијата на потпишување на договор.

Трамп ги опиша разговорите во Ханој, Виетнам, како „продуктивни“ и рече дека верува оти две страни евентуално ќе постигнат договор за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Портпаролката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс рече дека двете страни не постигнале договор, но очекуваат нова средба во иднина.

Таа ги нарече дводневните средби во Ханој „мошне добри и конструктивни“.

Ким, според Трамп, му ветил на синоќешната вечера дека Северна Кореја нема да врши повеќе нуклеарни и тестови со проектили.

Државниот секретар Мајк Помпео, кој ги придружуваше Трамп на разговорите во Ханој, изрази надеж дека наскоро ќе продолжат разговорите меѓу двете земји.

„Имаше некои проблематични аспекти од договорот и тајмингот, кои што влијаеја да не се мине финишот од преговорите“, рече Помпео, кој што заедно со советникот за национална безбедност Џон Болтон важат за „хардлајнери“ во справувањето со властите во Пјонгјанг.

Трамп во одговор на прашање од новинар, рече дека не се обврзува на трет самит со Ким. Тој индицираше дека Северна Кореја, која веќе има бројни меѓународни санкции врз неа, нема да биде казнета за недостиг од напредок од преговорите.

Американскиот претседател најави дека од авионот на пат за Вашингтон ќе разговара со јужнокорејскиот претседател Мун Јае Ин и со јапонскиот премиер Шинзо Абе.

Во Сеул владее разочараност од епилогот на Самитот во Виетнам, зашто јужнокорејскиот претседател важеше за голем поддржувач на меѓусебните разговори Трамп – Ким.

За време на овој историски Самит во Виетнам, имаше мал пробив. За време на двата јавни настани со фотографи, Ким Јонг Ун за прв пат одговори на прашање од странски новинари.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG