Линкови за пристапност

Трамп до Иран: Или преговори, или нови санкции


Американскиот претседател испрати порака до властите во Техеран да седнат на преговарачка маса, зашто во спротивно ќе следи нова рунда санкции од САД

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Иран треба „да се врати на преговарачка маса и да разговара“, ако сака да избегне нова рунда економски санкции.

Зборувајќи пред новинарите во Њујорк, претседателот ја бранеше одлуката да се повлече од шест-страниот договор со Техеран од 2015-та, кој имаше цел Иран да се откаже од нуклеарната програма, а за возврат да бидат укинати економските санкции.

„Ќе бидам конкретен, не сакам да поседуваат нуклеарно оружје“, рече претседателот.

За време на претседавањето со седницата на Советот за безбедност, Трамп се осврна на нуклеарната пролиферација, критикувајќи го Иран, дека има влада која е водечки спонзор на тероризмот.

Тој тврди дека „иранската агресија само се зголемувала“ по 2015-та, откако беше склучена спогодбата со меѓународната заедница.

Говорејќи на прес-конференција кусо по седницата на Советот за безбедност, иранскиот претседател Хасан Рохани, кој не присуствуваше на состанокот, рече дека средбата покажала колку се САД изолирани во одлуката да се повлечат од нуклеарната спогодба со Иран.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG