Една недела откако американскиот претседател Доналд Трамп ја разлути Турција со дозволата за вооружување на сириските Курди, тој во Белата куќа беше домаќин на неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган.
Трамп кажа дека ќе има „долги и тешки дискусии“ посветени на односите помеѓу двете земји.
„Имаме добри односи, и ќе ги направиме уште подобри. Ќе имаме многу, многу силна и солидна дискусија“, изјави тој.
САД на курдските сили ИПГ гледаат како на клучен дел во борбата против Исламската држава и во напорите за истерување на милитантите од нивниот де факто главен град, Рака.
Турција на ИПГ гледа како на терористичка организација, заради нивната поврзаност со Курдската работничка партија ПКК, која води три децениска борба со Турција.
Американската одлука за достава на оружје, Ердоган ја окарактеризираше како „спротивна на стратешки односи со САД“.
Тој оваа загриженост ја повтори и денеска, велејќи им на новинарите дека Турција никогаш нема да ги прифати борците на ИПГ во борбата против организацијата Исламска држава.
Сепак, минатата недела Ердоган кажа дека на посетата на Вашингтон гледа како на „нов почеток на турско- американските односи“.
Тој додаде дека соработката помеѓу Турција и САД е „многу важна за светот“, и повика на проширување на економската и воената соработка меѓу двете земји.
„Нема место за терористички организации во иднината на регионот“, кажа турскиот лидер.
Facebook Forum