Линкови за пристапност

Трамп ќе го објави предлог-буџетот в четврток


Масовни кратења за владини програми, зголемување во одбраната

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе го претстави предлог-буџетот од кого се очекува масовно зголемување на трошоците за одбраната додека следат кратења во многу други федерални програми.

Предлогот, кој ќе биде објавен в четврток, ќе понуди најдетален преглед како Трамп планира да ги реализира зацртаните заложби од неговата таканаречена политика “Прво, Америка“.

Буџетот најверојатно ќе се соочи со значително противење во Конгресот, каде законодавците веќе изразуваат негодувања за планот за замена на досегашниот закон за здравствена заштита, познат како „Обамакеар“.

Многумина од сопартијците-републиканци го поддржуваат планот на Трамп за погломазна армија, но некои сакаат средствата да бидат обезбедени преку кратење на најголемите федерални програми за Социјална заштита и Медикеар.

Демократите, пак, особено изразија противење за плановите за кратење на домашните владини програми, наменети кон заштита на животната средина и помош за сиромашните семејства.

Законодавците од обете партии изразија загриженост за предложените кратења на претседателот Трамп во Стејт департментот и буџетите за надворешна помош, чекор, за што, критичарите велат ќе го намали влијанието на САД во странство.

Според предлогот што беше објавен минатиот месец, официјални лица од Белата куќа предложија зголемување буџетот за одбраната за 54 милијарди долари – едно од најголемите зголемувања во областа на националната одбрана.

Претседателот Трамп размислува за кратење до 25% од буџетот на Агенцијата за заштита на животната средина, 30 отсто од Одделот за енергија и 37% од буџетот на Стејт департментот за помошта за странство.

Ако ваквиот буџет биде усвоен, ќе резултира со масовно намалување на работната сила во владата и нејзините агенции, за што Трамп и сопартијците-републиканци долго време најавуваат дека е неефикасна, и потребни се реформи.

Тој планира од идниот буџет да пренасочи и еден трилион долари во инфраструктури програми за реновирање на патиштата, аеродромите и железницата во САД.

XS
SM
MD
LG