Линкови за пристапност

Македонија бележи напредок во борбата против трговијата со луѓе


Македонија бележи напредок во борбата против трговијата со луѓе
Македонија бележи напредок во борбата против трговијата со луѓе

Прејде во првата, најдобра група земји во годишниот извештај на Стејт департментот

Македонија годиава бележи напредок – префрлена е во најдобрата, прва група земји кои целосно го почитуваат Актот за заштита на жрвите од трговијата со луѓе. Годинава е во групата земји во која се и Австрија, Канада, Данска, Луксембург, Норвешка и Шведска. Сите соседи, вклучувајќи ги и Бугарија и Грција, и годинава останаа во втората група.

Во извештајот се наведува дека Македонија е извор, крајна дестинација и транзит-зона за трговијата на мажи, жени и деца, и тоа за сексуална злоупотреба и принудна работа.

Македонската влада, стои во документот, целосно ги исполнува минималните стандарди за елиминација на шверцот со луѓе. Владата направила значителен напредок преку казнување на зголемен број шверцери, но додава дека треба да посвети повеќе внимание на центрите за прифаќање на жртвите на шверцот.

Владата, според извештајот, применувала проактивни техники за идентификација на жртвите, но регионалните експерти забележале продолжителни пропусти во имплементацијата на процедурите, делумно заради честите промени во ставовите на јавните службеници и полицијата кои работеле на случаите.

Локалните стручњаци регистрирале и продолжителни проблеми со идентификацијата на жртвите. Во извештајот и` се укажува на владата дека треба да ги охрабри жртвите на трговијата да останат доволно долго во земјата, за да помогнат во изведувањето на нивните трговци пред суд.

Стејт департментот препорачува Македонија да обезбеди специјализирана помош за мажите и децата - жртви на шверцот, како и поцврста соработка меѓу агенциите за спроведување на законот со невладините организации и други сегменти во граѓанското општество, за да ја добие довербата меѓу жртвите. Американската влада ја истакнува и потребата од поинтензивен ангажман на единицата за борба против трговијата со луѓе и надвор од Скопје, за поголема идентификација на жртвите на ниво на целата земја. Во извештајот се препорачува и обука на вработените во надлежните агенции, како и натамошно енергично истражување, судско гонење, обвинување и осуда на трговците со луѓе.

На глобално ниво, Стејт департментот наведуваат дека и покрај зголемената свест за проблемот, трговијата со луѓе и натаму расте . Во овогодишниот извештај значително е зголемен бројот на држави за кои Вашингтон вели дека не ги почитуваат меѓународните стандарди против трговијата со луѓе, од 13 на 23.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон истакна дека сите земји можат и мора да вложат поголеми напори за елиминација на ова зло. Клинтон додаде дека околу 27 милиони луѓе во моментов живеат во ропство и иако многу земји имаат донесено закони против трговијата со луѓе, не се применуваат доволно.

Државната секретарка подвлече дека извештајот сам по себе претставува дипломатска алатка преку која американската влада охрабрува соработка и зголемена определба во борбата против присилната работа, сексуалната експлоатација и модерното ропство.

XS
SM
MD
LG