Линкови за пристапност

Спортот во 2010-та обележан со скандалот на Тајгер Вудс


Спортот во 2010-та обележан со скандалот на Тајгер Вудс
Спортот во 2010-та обележан со скандалот на Тајгер Вудс

Голферот Тајгер Вудс од САД го нарекуваа најпрепознатлив спортист во светот. Поради огромниот талент и атлетизам, Вудс уште пред 15 години стана синоним за успех. Но, 2010-та, 35 годишниот спортист ја заврши со порази – како на лично така и на професионално поле.

Елдрих „Тајгер“ Вудс стана глобална атлетска супер ѕвезда со добра причина. Стана прв голферски суперхерој. Имаше се`. Убава жена, две прекрасни деца. Огромно богатство. Добротворна фондација. Се` што ќе допреше се претвораше во злато. Секоја деловна зделка му беше успешна. Со 14 шампионски титули, беше близу до уривање на рекордот на сите времиња, оној на Џек Никлаус со 18 освоени мастер-турнири.

Вудс го направи голфот да изгледа секси.

Но во 2010-та, животот му се смени.

„За се` што сторив, се извинувам“, рече Вудс, на првото јавно извинување во февруари пред мала група членови од семејството, пријатели и медиумите.

„Бев неверен. Имав врски со други жени“, призна голферот број 1.

Неволјите на Тајгер Вудс почнаа на 27-ми ноември 2009-та, неколку дена откако го освои турнирот во Австралија, што до ден денес е негова последна победа.

Во ноќта, по Денот на благодарноста, Вудс со своето возило, Кадилак Ескалејд, удри во хидрант и во дрво од соседот. Инцидентот се случи само неколку метри од прагот на неговиот дом од вреден 2,4 милиони долари, во Флорида.

Набрзо потоа, новинските извештаи почнаа да го поврзуваат бизарниот инцидентот со обвинувања дека не е верен на сопругата. Повеќе од 12 жени јавно се огласија дека имале сексуална врска со сопругот на Елин, која е од Шведска.

Тајгер повторно му се врати на голфот на почетокот на април. Но не играше добро. Не можеше да го сокрие гневот и фрустираноста по секој неуспешен удар.

Вудс заврши на четвртото место на големиот мастер-турнир.

Иако имаше и добри моменти на турнирите, сепак, како што одминуваше сезоната, за личните проблеми и адаптирањето на новата реалност плати голема цена. За време на престижниот плеј-оф натпревари на Купот Федекс, кој почна на крајот од август, неговото име не беше меѓу најдобрите голфери - само неколку дена пред разводот да биде финализиран.

Вудс ја презеде вината за распадот на бракот:

„Не стапуваш во брак, за да се разведеш. Затоа разводот е тажен настан“, призна Тајгер.

Веќе не беше супермен во голфот. Тајгер падна на второ место на листата на најдобри голфери во светот. Годинава што изминува ја заврши и со пораз во плеј-оф-от и го освои второто место на неговиот добротворен турнир, Шеврон ворлд Челинџ.

Со сите непријатни моменти што го следеа во 2010-та, зошто вели дека ова е најдобро нешто што му се случило?

Веројатно затоа што ја минал 2010-та, работејќи и на други полиња освен на голфот. И покрај катастрофалната година, во декември, тој почна да посегнува по обожавателите, преку медиуми и преку интернет.

Во магазинот Њусвик, тој напиша личен осврт под наслов „Како ја редефинирав победата“. Вудс опиша како ги цени работите кои порано ги занемарувал, како подготвување вечера за неговите деца. Тој рече дека научил дека некои победи значат насмевка, а не трофеи, и дека најобичните моменти може да причинат големо задоволство.

Во интервју за спортското радио И-Ес-Пи-Ен, тој рече дека сега е „бескрајно“ среќен, споредено со истиот период во 2009-та:

„Не можам да бидам подобрар голфер, ако не станам подобра личност. Сега сум многу подобра личност од лани. Бев тежок за многу луѓе, особено за најблиските, но сега го живеам најдобриот период во мојот живот“.

2010-та со сите непријатни моменти веројатно го поучи Елдрик Тајгер Вудс, дека за него Денот на благодарноста беше почеток на процесот на интроспекција, загуба и болка за на крајот да го види доброто во сето тоа, што му даде можност да најде нова дефиниција на тоа што значи да се биде шампион.

XS
SM
MD
LG