Божиќ дојде порано за претседателот Трамп и републиканците во Конгресот. Капитол хил ги усогласи разликите околу новите даночни реформи, по што ќе уследи претседателскиот потпис.
Трамп законот го нарече „историска победа за американскиот народ“, при што испрати позитивна порака за следната година. „Американците го чувствуваат ентузијазмот за сите извонредни можности што се исправени пред нацијата“, рече претседателот на САД.
Непопуларен закон
Републиканците гласаа за даночни реформи и покрај притисокот од делумните конгресни избори следниот ноември. Истражувањето на јавното мислење покажа дека повеќето Американци се против законот за даночни кратења, истакнувајќи дека ги фаворизира богатите и од него, средната класа нема да има многу корист.
Но, и покрај анкетите, Трамп и републиканските конгресни лидери беа воодушевени да го остварат главното ветување од кампањата. „Граѓаните ќе ја почувствуваат разликата во наредните чекови“, изјави Пол Рајан, спикер на Претставничкиот дом.
Свртување кон базата
Уште од почетокот на претседателствувањето, Трамп испрати порака дека ќе биде насочен кон задоволување на неговата политичка база. Но, тоа може да се покаже како ризичен потег, со оглед на непопуларноста во анкетите спроти наближувањето на делумните конгресни избори во ноември.
За претседателот, поголемиот дел од 2017-та беше година полна со „потреси“ во мандатот – од битката со критичарите на Твитер, неуспехот со реформите во здравствената заштита и постојаната истрага за руско мешање во изборите во САД, која не покажува знаци дека ќе исчезне од медиумите.
Предизвиците од првата година на мандатот се одразија врз нискиот рејтинг на претседателот Трамп, со одобрување од 30 до 40 проценти, историски најнизок рејтинг за новиот претседател во Вашигтон.
„Не се работи само за околу 60 проценти од Американците дека не одобруваат како ја врши функцијата. Значително е што, двојно повеќе Американци не одобруваат како се справува со претседателството, отколку оние кои го одобруваат“, вели Лари Сабато, експерт од Универзитетот на Вирџинија.
Меѓу неговите поддржувачи има постојана база, која и натаму е зад него. Со белите евангелисти на пример, 7 од 10 го поддржуваат, вели Роберт Џонс, извршен директор на Институтот за истражување на религијата.
Трамп - мета на демократите
Демократите можеби загубија во битката за даночни кратења, но последните успеси на изборите во Алабама и во Вирџинија им ја вратија довербата дека ќе имаат добар резултат на делумните конгресни избори следната година. „Законот за даночни реформи ќе им се врати на секој републиканец. Тоа ќе го почувствуваат во ноември.“, коментираше демократскиот сенатор Чак Шумер.
Проширување на базата на поддржувачи
Во овој момент, главен предизвик на Трамп ќе биде да ја прошири базата на поддршка спроти изборите следната година во ноември. За да го зголеми рејтингот, ќе мора да ги привлече демократите и независните за да го подобри рејтингот од 30 проценти, коментира Френк Њупорт од Галуп.
Личниот рејтинг на претседателот на САД останува на ниско ниво, и покрај истражувањето дека Американците генерално се задоволни од економските трендови. Главниот предизвик за републиканците ќе биде позитивниот одглас за економијата да го пренесат кон зголемена поддршка за Трамп и законодавците во Конгресот.
Facebook Forum