Линкови за пристапност

Намерен, ненамерен пропуст или лапсус - изостанувањето на строфата со историските личности од државната химна?


На социјалните мрежи се огласи Тодевска, која побара прошка за оваа како што ја нарече ненамерна грешка.

Жестоки реакции предизвика интонирањето на македонската химна од страна на поп пејачката Тамара Тодевска, за време одбележувањето на 4-ти јули, Денот на независноста на САД во кругот на амбасадата во Скопје. Тодевска го изостави делот од химната во која се споменуваат значајни личности од историјата на државата, Даме Груев, Питу Гули, Гоце Делчев и Јане Сандански. На настанот присутен беше и највисокиот државен врв, премиерот Зоран Заев, претседателот Стево Пендаровски и лидерот на опозиционата ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски. Сето ова се случува во период кога соседна Бугарија, го проблематизира чествувањето на ликот и делото на Гоце Делчев.

Веднаш по настанот на социјалните мрежи се огласи Тодевска, која побара прошка за оваа како што ја нарече ненамерна грешка.

„Дозволете ми од дното на моето срце да ви се извинам за вчерашната грешка. Не постои поголема чест за еден уметник од пеењето на националната химна и токму поради тоа и ја прифатив поканата од амбасадата на САД. Не постојат зборови со кои можам да ја опишам мојата тага поради пропустот што го направив при пеењето на химната. Понесена од емоции и од целокупната еуфорија, за жал, ненамерно изоставив дел од химната. Се надевам дека ќе најдете простор во вашите срце“, напиша Тодевски.

На Твитер реагираа и од амбасадата на САД во Скопје.

„Имаме длабока почит кон традициите, историјата, хероите и иднината на нашиот пријател, партнер и сојузник Северна Македонија. Разбираме дека грешки може ненамерно да се случат во емотивни моменти, но им се заблагодаруваме на нашите пејачи за нивните прекрасни изведби“, објавија од амбасадата на „Твитер“.

И премиерот Заев смета дека станува збор за ненамерна грешка.

„Се случуваат пропусти. Секако, нашата химна се пее секој ден, насекаде. Апсолутно, тоа само потврдува дека се работи за ненамарна грешка и пропуст за кој се извинија самите организатори, но и изведувачот“, рече Заев.

“Владата доби известување од Амбасадата на САД и од изведувачката на химната Тамара Тодевска дека станува збор за ненамерна грешка при изведување на химната, како и уверувања за највисоко ниво на почит кон македонските традиција и херои“, стои во соопштението на владата.

За најголемата опозициска партија ВМРО - ДМПНЕ, чинот со интонирањето на химната е неприфатлив за сите.

„Ова е неприфатливо и е пример што може да се произведе кога премиерот си поигрува со нашата историја, националните чувства и идентитетските обележја. Добро е што Тамара се извини, но тоа што е за вистинска осуда е атмосферата креирана од Владата и премиерот кои на подолг период и на срамен начин ги доведуваат во прашање сите идентитетски обележја. Со оваа влада станавме општество во кое на дневна основа се доведуваат во прашање најсветите чувства на македонскиот народ“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Гласот на Америка разговараше со комуникологот Петар Арсовски и со екс амбасадорот во Москва, Ристо Никовски. Арсовски смета дека станува збор за ненамерен пропуст и ништо повеќе од тоа, за Никовски, пак, дека изоставувањето на тој дел има друга позадина.

„Станува збор за ненамерен лапсус. Јас бев присутен на тој настан. Не мислам дека тоа беше некаква политичка порака или желба за некаква поента. Ова некои ќе го искористат како политички маркетинг, но факт е дека станува збор за ненамерен лапсус и дека таа тоа не го направи намерно“, рече Арсовски. Тој додава дека и покрај се треба да има некаков механизам со кој ќе се штитат химната и националните симболи.

„Инцидентот во амбасадата на САД само потврдува дека наскоро и химната ќе биде сменета, бидејќи не случајно и при посетата на Ципрас на Скопје таа не беше емитувана. Впрочем ако веќе бидеме објективни,кога веќе државата не е Македонија, кога се откажавме од сите наши херои, кога се откажавме од нашиот народ во принцип таа химна веќе е не соодветна на оваа држава, која по многу нешта е федерација“, вели Никовски.

Од Обединетата Македонска Дијаспора - ОМД, велат дека во верзијата на Тодевска биле отстранет цел значаен дел од химната, кои се однесуваа на борците за независност на Македонија.

„ОМД цврсто верува дека ова не е грешка, туку намерно, поради некои повици за промена на химната на Македонија (итн. Тиранска Платформа) бидејќи Бугарија инсистира на тоа овие историски личности да бидат етикетирани како бугарски во учебниците за историја на Македонија. Бугарија се закани дека ќе го блокира патот на Македонија кон ЕУ ако овие барања не бидат исполнети. Без формално извинување од страна на Американската амбасада, на САД ќе се гледа како да заземат страна во оваа бесмислена историска дебата, која ја предизвика Бугарија“, велат од ОМД.

Од ОМД велат дека го информирале Стејт департментот на САД, Комитетот за надворешни работи на Сенатот, Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот Дом и Конгресната група за Македонија и македонско-американската заедница.

Реакциите одат до таму што локалното радио Кавадарци најави дека повеќе нема да ги емитува песните испеани од Тамара Тодевска.

„Сите песни што ги испеала Тамара Тодевска ненамерно се избришаа од архивата на Радио Кавадарци. Затоа им се извинуваме на нејзините фанови доколку се уште ги има, што поради оваа ненамерна грешка нема да бидат емитувани на програмата на Радио Кавадарци“, велат од радиото.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG