Линкови за пристапност

Џафери: За статусот на СЈО потребен е консензус


„Ако има консезус, може да се обезбеди законот во тој рок, ако нема консензус може и со месеци да седиме, а законот да не се усвои“, изјави претседателот на Собранието на Северна Македонија.

„Дали може законот со кој ќе се регулира статусот на Специјалното обвинителство да се усвои до 15 септември“ – било прашањето на новата американска амбасадорка до собранискиот спикер. Првата средба меѓу Кејт Брнс и Талат Џафери била повеќе од протоколарна – амбасадорката се интересирала за брзината со која може да се донесе новата законска рамка за СЈО во период кога оваа институција е во најголемата криза од своето формирање. Џафери објаснил дека не зависи се од собраниските процедури.

„Не до 15 септември, ако се достави денес, утре, законот може да биде донесен до крајот на август. Но, тоа не зависи од паралментарните процедури, туку од консензусот на партиите. Ако имаат консезус, може да се обезбеди законот во тој рок, ако нема консензус може и со месеци да седиме, а законот да не се усвои“, изјави Талат Џафери, претседател на Собранието на Северна Македонија.

Владата информираше дека предлог-законот за јавно обвинителство што го опфаќа и СЈО го доставува до собранието. Ако има меѓупартиски договор, проценките на Џафери се дека може да помине во прво читање до крајот на јули, а од 26 до 30 август, по завршувањето на одморите, да оди во второ читање. Но, под знак прашалник е дали ќе има договор меѓу власта и опозицијата зашто законот се носи со двотретинско мнозинство.

„Очекуваме сите пратеници, а пред се ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат ова решение. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски мора да покажат одговорност пред граѓаните и државата и да гласаат за Предлог Законот за јавно обвинителство“, изјави Снежана Калеска- Вамчева од СДСМ.

Опозицијата, пак, зборува за случајот „Рекет“ и поврзаност со СЈО.

„Катица Јанева ја завршува кариерата онака како и што ја почна. Политички и по нарачка се обидува да го минимизира рекетарскиот скандал што ја разголи целата власт на Зоран Заев и начинот на владеење изминатите години.“, изјави Димче Арсовски од ВМРО - ДПМНЕ

Владиниот предлог е СЈО да стане составен дел од Јавното обвинителство за организиран криминал со ново име - Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција со кое се предлага да раководи Вилма Русковска.

Оваа институција би добила зголемени ингеренции и финансиска независност и би ги презела случаите на СЈО.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG