Линкови за пристапност

Белата куќа и семејството ја потврдија смртта на Кајла Милер


Исламската држава ја држеше американската хуманитарна работничка како заложничка

Американските власти и семејството потврдија дека 26-годишната хуманитарна работничка Кајла Милер, којашто милитантите на Исламската држава (ИД) ја држеа во заложништво, е мртва.

Веста уследи четири дена откако ИД преку Интернет соопшти дека таа загинала при бомбардирањето што го извршиле јорданските авиони во рамки на операцијата на коалиционите сили, кога наводно бомба ја погодила зградата во сирискиот град Рака, каде што таа била држена. Јордански, американски и други претставници изразија сомневање во ваковото тврдење и околностите во коишто таа загинала се` уште не се разјаснети.

Портпаролката на Националниот совет за безбедност Бернадет Михан информираше дека семејството на Милер деновиве примило „приватна порака“ од нејзините грабнувачи којашто ја потврдила првичната вест дека таа е мртва. Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест соопшти дека американски разузнавачки лица „немаат специфична проценка за причината за смртта“ откако ги разгледале информациите од пораката.

„Со скршено срце ја споделуваме информацијата дека Кајла Џин Милер го загуби животот“, стои во изјавата на нејзините родители, Карл и Марша. „Кајла беше сочувствителна и посветена хуманитарна работничка. Таа го посвети целиот свој млад живот помагајќи им на оние коишто немаа слобода, правда и мир“.

Реагирајќи на веста за смртта, американскиот државен секретар Кери кажа дека Исламската држава е причината што Кајла веќе не меѓу нас.

„Како и нашите пријатели во Јордан, не попушта нашата решеност да ја поразиме оваа зла и неверојатно грда навреда за цивилизираниот свет, да ги поразиме терористите чиишто постапки – убиства на жени, на деца, палење на живи луѓе – се навреда за религијата којашто лажно тврдат дека ја претставуваат“, рече Кери.

„Ја одзедоа од нас, но нејзиното наследство продолжува, инспирирајќи ги сите оние коишто се борат, секој на свој начин, за она што е праведно, за она што е достојно. Без оглед на тоа колку време ќе биде потребно, САД ќе ги најдат и ќе ги изведат пред правдата терористите коишто се одговорни за грабнувањето и смртта на Кајла“, наведе американскиот претседател Барак Обама во писмена изјава.

Американскиот сенатор Џон Мекејн, којшто ја претставува родната држава на Милер, Аризона, денес изјави дека „никогаш нема да биде заборавено впечатливото наследство на служба на Кајла, дури и од оние коишто ја немале честа лично да ја запознаат“.

Во писмо што го објави семејството на Милер, а коешто хуманитарната работничка го напишала додека била во заложништво, стои дека ја третираат со „крајна почит и љубезност“ на „безбедна локација, неповредена (и) здрава“.

„Ако може да се каже дека воопшто `пропатив` низ цело ова искуство, тоа е само поради тоа што знам на колкави маки ве ставив сите“, пишува Милер. „Јас се предадов на нашиот Создател. Ниту еден од нас не можеше да знае дека ова ќе биде толку долго, но знајте дека јас се борам од моја страна, онолку колку што имам можност. Има уште многу борбеност во мене. Не попуштам (и) нема да потклекнам, без оглед на тоа колку долго ќе биде“.

XS
SM
MD
LG