Линкови за пристапност

Владеењето на правото, нови безбедносни ризици, проблемот со Бугарија – централните теми во годишното обраќање на шефот на државата


Обраќање на Пендаровски во Парламентот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:24 0:00

Обраќање на Пендаровски во Парламентот

Обраќањето во Собранието почна со едноминутна почит за загинатите во автобуската трагедија, тетовската модуларна болница и настраданите од ковид-19.

Во присуство и на пратениците од опозицијата, првата тема која Пендаровски ја начна беше владеењето на правото, прашање кое со децении го мачи македонското општество.

„Најважен аспект во изградбата на функционална правна држава е еднаквоста пред законот, односно, неселективноста на правдата. Со законите што ги носиме не смееме да ги привилегираме оние кои не го почитуваат поредокот, наспроти оние кои го почитуваат. Посебно разочарува тоа што, за жал, сите релевантни истражувања на јавното мислење го докажуваат растечкото чувство меѓу граѓаните дека во државата владее културата на неказнивост.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.

Во однос на ситуацијата со Бугарија, Пендаровски повтори дека се залага за внимателен пристап во преговорите. „Станува збор за прашање од највисок национален интерес – брзањето не е сојузник“, порача шефот на државата.

„Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.

Пендаровски, во обраќањето, укажа и на новите безбедносни ризици со кои се соочува не само земјава, туку и далеку поразвиени држави.

„Имено, зад параванот на таканаречените големи инвестиции и инфраструктурни вложувања некогаш се кријат стратешки мотиви за полесен пристап кон нас и овој дел на Балканот. Како дел од обврските што сега ги имаме како членка на НАТО, но, и заради усогласување со европската безбедносна политика, минатата година со американската влада потпишавме Меморандум за разбирање со кој се оневозможува инсталирање на чувствителна телекомуникациска опрема која може однадвор да биде злоупотребена за собирање податоци за македонските граѓани. Со други зборови, државата има обврска сите најави за големи странски вложувања да ги проверува и од безбедносен и од стратешки аспект, независно колку тие изгледаат економски атрактивно на прв поглед.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.

Претседателот зборуваше и за заминувањето на Заев од премиерската фунција – повлекување во услови кога СДСМ е на власт го нарече, чин за поздравување. „Биевме заеднички битки, а имавме и несогласувања“, изјави Пендаровски.

Опозицијата не верува во ваквите изјави на шефот на државата – му забележува дека е, како што го нарекоа, „спореден актер во заевизмот“

„Тој не понуди ниту визија, ниту решенија. Претседателот Пендаровски не излегува од сенката на заевизмот.“, изјави Владо Мисајловски, ВМРО-ДПМНЕ.

Заев во Собранието, со аплауз за крај, го проследи годишното обраќање на Пендаровски, за последен пат како премиер на Северна Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG