Шефот на државата Пендаровски, со државни и воени почести, денеска во Атина беше пречекан од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.
Двајцата претседатели разговарaле за Договорот од Преспа, неговата целосна имплементација, зајакнување на билатералната соработка...
„Вашата посета е прва официјална посета на претседател на Република Северна Македонија во мојата земја. Па така добива особена важност и симболика за односите меѓу нашите земји. Ќе се согласите дека целосно и доследно применување на Договорот од Преспа е клучно. Поминаа две и пол години откако Договорот стапи на сила. Препознаваме дека од страна на Северна Македонија се направени позитивни чекори, но сепак постојат доста нерешени прашања. Затворањето на овие отворени прашања ќе овозможи понатамошен развој на соработката.“, изјави Катерина Сакеларопулу, претседателка на Грција.
И за Пендаровски оваа посета има историска димензија во односите меѓу Атина и Скопје.
„Да имате прва средба на највисоко политичко ниво по 30 години меѓу две земји кои се директни соседи е значајна работа. Ние и претходно имавме одлична соработка, но од 2018 година наваму ја поставиваме таа политичка и правна рамка наречена Преспански договор, која ни овозможи уште подобро да соработуваме. Сакам да ви кажам еден правен принцип кој вие добро го познавате и до кој ние имаме намера да се држиме во однос на Преспанскиот договор. Тоа е „pacta sunt servanda“, или договорите треба да се чуваат и да се почитуваат.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.
Според македонскиот претседател, кој се сретна и со грчкиот премиер Мицотакис, најголемиот и најтешкиот дел од Договорот се имплементирани, но се уште има елементи кои треба да се завршат и за кои има политичка волја да бидат финиширани.
Пендаровски потсети дека Преспанскиот договор овозможил земјата да влезе во НАТО и дека следната цел за која очекува поддршка од Грција е старт на преговорите за членство со Европската унија.
Facebook Forum