Владата на Северна Македонија не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе, но, прави значителни напори во таа насока, се вели во најновиот извештај на Стејт департментот.
Понатаму во извештајот се додава дека и покрај документираното влијание од пандемијата со Ковид-19 врз капацитетот во борбата против трговијата со луѓе, владата севкупно демонстрирала зголемување на напорите, споредено со претходното истражување, и затоа Северна Македонија, се наоѓа и натаму во втората категорија.
Овие напори вклучуваат обвиненија против трговци со луѓе, како и изрекување сериозни затворски казни. Сепак, владата не ги исполнила минималните стандарди во неколку клучни области, наведува извештајот на Стејт департментот. Владата го пренасочила средствата за заштита на жртвите кон напорите за справување со пандемијата, при што го загрозила функционирањето на мобилните тимови за идентификување жртви во трговијата со луѓе, како и обезбедување прифатилишта за тие жртви. Полицијата нема соодветна опрема за пронаоѓање на жртвите, ниту пак опрема за спроведување проактивни истраги. Канцеларијата на јавниот обвинител против организиран криминал ( ОЦЦПО) има недостиг од неопходни средства, вклучувајќи и персонал, да постапува по случаи, коишто се под негова надлежност. Несоодветните напори за идентификување и корупцијата ги става потенцијалните жртви под ризик да бидат казнети за акт коишто биле принудени да го сторат, наведува Стејт департментот, во делот за Северна Македонија.
Меѓу препораките од Стејт департментот до македонската влада се наведува дека е потребна детална истрага, гонење и покренување обвинителни акти за трговците со луѓе, вклучувајќи ги и корумпираните официјални лица, пришто треба да добијат соодветни казни со значителни затворски казни. Потребно е издвојување на средства за мобилните тимови на терен за идентификување на жртвите и обезбедување нивно сместување во прифатни центри, но да им се овозможи на жртвите да ги напуштат Центрите, по своја волја. Понатаму во препораките се наведува дека потребна поголема обука на социјалните работници за идентификување и ословување на жртвите зафатени во процесот на трговија со луѓе, но и да се унапредат механизмите за компензација за жртвите, како и да се информираат за нивните права да побараат оштета.
Американскиот државен секретар Ентони Бликен го презентираше годишниот извептај на Стејт департментот за трговија со луѓе во светот.
Во него се опфатени 188 земји и територии. Некои од нив, ќе се соочат со потенцијални санкции поради недоволните напори во оваа област.
Актуелната администрацијата во Вашингтон во извештајот посебно посочи 17 земји кои не прават доволно во борбата против трговијата со луѓе и ги предупреди на потенцијалните санкции на САД, класифицирајќи ги во трета категорија.
Извештајот ги класифицираше 17-те, главно авторитарни држави, во „ранг 3“ поради неисполнување на минималните стандарди за да се запре она што државниот секретар Ентони Блинкен го нарече „нехуман круг на дискриминација и неправда“.
Земји кои претходно не беа во оваа категорија се Малезија и Гвинеја-Бисао, и тие им се придружија на Алжир, Авганистан, Бурма, Кина, Коморски Острови, Куба, Еритреја, Иран, Никарагва, Северна Кореја, Русија, Јужен Судан, Сирија, Туркменистан и Венецуела. Повеќето од тие земји во моментов имаат санкции од САД од други причини.
Во извештајот на Стејт департоментот се посочува дека пандемијата на коронавирусот дополнително ја влошила ситуацијата околу „човечкото ропство“ во периодот 2020-2021-ра.
Во втора категорија, (ранг 2) се и земјите од регионот, како Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Грција, Бугарија, Косово, како и Северна Македонија.
Facebook Forum