Американскиот претседател Барак Обама и неговиот јужнокорејски колега Ли Мунг-бак го поздравија стапувањето во сила на договорот за слободна трговија меѓу двете земји. Спогодбата беше постигната во 2007-та, но законодавците од обете земји не ја одобрија се` до крајот на минатата година поради политички противења и промени во власта.
Белата куќа соопшти дека Обама во телефонскиот разговор со Мунг-бак рекол дека договорот е одличен пример за партнерството меѓу САД и Јужна Кореја. Американскиот претседател изразил надеж дека тој ќе ги поттикне инвестициите, трговијата и ќе доведе до отворање на нови работни места, а воедно ќе помогне и да се отстранат трговските бариери ширум светот.
Ова е најважниот трговски пакт за САД од 1994-та година, кога беше потпишан Договорот за слободна трговија во Северна Америка со Канада и Мексико.