Линкови за пристапност

Уапсен расчинетиот владика Јован


Уапсен расчинетиот владика Јован
Уапсен расчинетиот владика Јован

Се вратил во Македонија за да побара повторување на постапката во која беше осуден, тврди неговиот адвокат.

Расчинетиот владика на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г. Јован (Зоран Вранишковски), кому Српската православна црква му ја додели титулата Архиепископ охридски и Митрополит скопски, и кој последниве две години живееше на релација Србија – Грција – Бугарија, денес напладне бил уапсен на граничниот премин Меџитлија на грчко-македонската граница, при обид да влезе во Македонија со српски пасош.

Според портпаролот на МВР Иво Котевски, врз основа на претходно распишана меѓународна потерница според судски налог издаден од Битолскиот суд, Вранишковски бил уапсен и веднаш одведен во КПД Идризово на одлежување на изречената затворската казна. Вранишковски за време на апсењето не пружил отпор. Нему во октомври 2009-та, за злоупотреба на средства, во отсуство му беше изречена казна од 2,5 години затвор со обрска за враќање на 250.000 евра, по долго судење во кое на двапати беше ослободуван, а Апелациониот суд на двапати ги укинуваше пресудите.

По распишаната потерница, Вранишковски беше уапсен и минатата година на српско-бугарската граница, но бугарското Министерство за правда тогаш не го екстрадираше во Македонија. По денешното апсење, од неговата Православна Охридска архиепископија за медиумите соопштија: „По лажните обвинувања од расколничката организација во Р. Македонија, во 2010 г., Архиепископот Јован беше осуден на затворска казна, но од причини што судскиот процес се вршеше во негово отсуство, тој има законско право да побара повторување на постапката. Затоа, се очекува за три до пет денови тој да биде ослободен од затворот и да му се овозможи нова судска постапка во која ќе се брани од слобода“.

Според адвокатот на Вранишковски, Васко Ѓорѓиев, неговиот клиент доброволно и самоиницијативно се вратил во Република Македонија, „со намера да отпочне со издржување на казната, а воедно да побара повторување на постапката која е правосилно завршена“.

„Денес ние поднесуваме барање до Основниот суд Велес, да се донесе решение за судење во негово присуство“, рече бранителот на Вранишковски.

До апсењето – предавањето на г. Јован, кој во Македонија настапува како егзарх на СПЦ и челник на неговата ПОА, доаѓа непосредно пред посетата на Македонија на српскиот претседател Борис Тадиќ. Може да се очекува дека и неговиот случај ќе биде на агендата на разговорите на Тадиќ со македонските домаќини, зашто и покрај релативно добрите соседски односи меѓу двете држави, тие се сепак, обременети со односите меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и со непризнавањето на македонската од српската црква.

XS
SM
MD
LG