Линкови за пристапност

СЈО се огради од Јанева


Обвинителите од СЈО сметаат дека интегритетот на институцијата не е нарушен со сомнежите за криминал во кој е инволвирана нивната шефица, Катица Јанева. Опозицијата бара притвор и предвремени избори

СКОПЈЕ – „Денес не стојам само во мое лично име, туку стојам во име на сите обвинители кои се зад мене, и обвинителите кои се на годишен одмор. Стојам и во име на целиот истражителски тим на СЈО и целокупната стручна служба од ова обвинителство. Сакам да ве уверам сите дека наш примeрeн интерес е зачувување на интегритетот на оваа институција и сакам сите да ве уверам дека секогаш како обвинителски тим, како истражителски тим и како вработени сме постапувале согласно законските прописи“.

Сите можни сомненија кои инволвираат поединци или на некој начин ја инволвираат оваа институција нема да го доведат во прашање интегритетот на постапките, во кои ние имаме постапувано.
Ленче Ристоска, обвинителка во СЈО

Вака попладнево почна прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), која ја држеше обвинителката Ленче Ристоска. Прва во атмосфера на обвинети наместо обвинители. Се до новинарските прашања, таа ниту еднаш не го спомена името на Катица Јанева.

Ристоска, меѓу редови, во свое, но и во име на целиот колектив се огради од својата довчерашна шефица. Јанева не беше во просториите на СЈО ниту пак контактирала со било кој од нејзините колеги. За нејзината оставка дознале неколку минути пред да биде соопштена.

Ристоска беше децидна – интегритетот на институцијата не го прави еден човек. Обвинителите стојат зад сработеното и секогаш биле по словото на законот.

„Сите можни сомненија кои инволвираат поединци или на некој начин ја инволвираат оваа институција нема да го доведат во прашање интегритетот на постапките, во кои ние имаме постапувано. Целокупната работа на ова јавно обвинителство останува и верувам дека ќе имаме и осудителни пресуди за предметите, за кои има судски постапки“, рече Ристоска.

Таа не го криеше изненадувањето од развојот на настаните и информациите околу поврзаноста на Јанева со криминалниот двоец кој изнудувал пари од бизнисмени. Побара да се почитува пресумпцијата на невиност, но и да се расчисти случајот што е можно побрзо.

„Тој што се огрешил од законот мора да одговара, тоа е нашето мото“ кажа Ристоска.

Од СЈО соопштија дека стојат на располагање на колегите од Обвинителството за организиран криминал.

Партиски реакции: разочарување, притвор за Јанева и предвремени избори

Од опозициската ВМРО – ДПМНЕ го обвинија премиерот Зоран Заев дека формирал „криминален октопод“ и нагласија дека компромитираното СЈО, е веќе „завршена работа“.

„Вчера граѓаните беа сведоци на втор криминален октопод на СДСМ предводен од Зоран Заев, но овој пат многу поголем, со изразена криминално, рекетарско, медиумска спрега на високи функционери на власта. Овој втор криминален октопод е милје сочинето од неформален сопственик на медиум, обвинители чие дејание не може да биде возможно без поддршка од врвот на власта, каде имаме злоупотреба на медиум, тргување со правдата, финансиски интереси и политички мотиви.

„Нема човек, нема граѓанин, кој верува дека сето ова е возможно без силна закрила, поктрепа и институционална поддршка од самата врхушка на власта“, рече Христијан Мицкоски, претседател на партијата.

Тој повтори дека Јанева лично му понудила „непристоен предлог“, поддршка за СЈО во замена за одмрзнување на имотот на партијата, замрзнат во случајот „Талир“.

„Јас и тогаш кажав, но еве и денеска ќе го повторам тоа што и тогаш го кажав дека во еден разговор со специјалната јавна обвинителка околу иднината на имотот на ВМРО-ДПМНЕ од нејзина страна од мене беше побарана поддршка за Законот за јавното обвинителство, а се со цел таа да го одмрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ. И подготвен сум за ова да сведочам, но и подготвен е и третиот присутен исто така да сведочи, за ова што го зборувам“, изјави Мицковски.

Мицкоски побара притвор за Јанева и итни предвремени парламентарни избори.

Околу случајот реагираше и владиниот партнер, ДУИ. Оттаму соопштија дека се разочарани од вчерашните настани и дека секогаш биле против селективна правда. Оттаму најавија дека на лидерската средба во петок ќе бараат да се спроведе нивното барање за ветинг на сите функционери, извршната и судската власт.

„ДУИ ќе бара да почне да се реализира иницијативата за ветинг. Сметаме дека тоа е неопходно, доколку сакаме враќање на довербата во институциите од страна на граѓаните, но и од страна на институциите на ЕУ и ќе бара да се исполнат сите прашања што ќе ни го отворат патот за добивање датум за почнување на преговори со Унијата“, изјави Бујар Османи, вицепремиер.

Оставката на Јанева и шпекулациите околу нејзината поврзаност со двоецот Јовановски - Милевски кои изнудувале пари од бизнисмени кои биле осомничени и обвинети во предмети на СЈО предизвика огромни реакции и разочарување во јавноста, кај граѓаните и на социјалните мрежи.

Клучот е во „Империја“

Во недостиг на детали и официјални информации од Обвинителството за гонење организиран криминал продолжуваат шпекулациите околу инволвираноста на Јанева во рекетот кој го извршиле сопственикот на „1тв“ – Бојан Јовановски – „Боки 13“ и Зоран Милевски – „ Зоки Кичеец“ на кои вчера им беше одреден триесетдневен притвор. До доцна во ноќта, полициски тимови вршеа претреси во домовите и работните простории на двајцата осомничени, а одземени биле телефони, скапа облека и накит, компјутери и оружје. Вчеравечер беше одземен и мобилниот телефон на Јанева за да се провери дали и каква комуникација имала таа со осомничените.

„Имаме видео и аудио снимки“, кажа обвинителката Вилма Русковска, прашана какви докази имаат против двоецот рекетари. Во истрагата отворена на почетокот на мај се користени и посебни истражни мерки односно следена е комуникацијата на осомничените.

Она што засега е јасно е дека двоецот Јовановски – Милевски зеле 1,5 милиони евра од осомничен во случајот „Империја“ на СЈО каде осомничени се бизнисмените Орце Камчев и Цветан Панделески, како и Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ и уште неколку лица.

Уште од самиот почеток „Империја“ ја следеа контроверзии, чудни пресврти, нелогични потези на СЈО и изјави на Јанева.

По апсењето на осомничените, не беше побаран притвор поради опасност од бегство и влијаење врз сведоците, а барањето го прифати судијата од Кривичниот суд, и осомничените завршија во Шутка.

На 27 декември минатата година, неочекувано, СЈО побара на Камчев, Мијалков и Панделески да им биде укинат притворот и заменет со домашен.

„Доказите се собрани, не може повеќе да влијаат на истрагата“, ќе каже Јанева.

Неколку месеци подоцна, со согласност од СЈО, домашниот притвор е укинат, и на осомничените ќе им бидат вратени пасошите.

Токму тука јавноста, повторно поради недостиг на официјални информации, ја гледа поврзаноста на Јанева со рекетарскиот двоец.

Новинарите инсистираа на изјава од обвинителката Лиле Стефанова која ја води истрагата за случајот „Империја“. Таа беше децидна дека одговорноста за се што се случувало во предметот е кај Јанева.

„Ниту за мислењата за пуштање од притвор, ниту одлуката за патни исправи. Сите одлуки ги носи и ги потпишува Катица Јанева, така е согласно законот“, кажа Стефановска.

Од СЈО, се уверени дека истрагата на Обвинителството за организиран криминал, нема да влијае на нивната истрага за случајот „Империја“ иако осомничениот во едниот случај е жртва и сведок, а кај нив потенцијално обвинет.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG