Линкови за пристапност

Многу дилеми, едно решение за предметите на СЈО - нов Закон за обвинителство


Што со бомбите, што со истрагите отворени по истекот на законскиот рок... Експертите со спротивставени мислења.

Што со Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и неговите предмети и дали судските процеси и истраги ќе продолжат или пак осомничените и обвинетите ќе минат неказнети за криминалите кои ги сториле, а кои јавноста ги дозна преку т.н. „бомби“. Ова се клучните прашања кои се наметнуваат во домашната јавноста откако шефот на СЈО, Катица Јанева, од притворот во „Шутка“ побара, а Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески се согласи сите предмети на СЈО да бидат преземени од државното обвинителство.

Дилеми има многу, а одговори речиси, и да нема. Експертите спорат околу можните сценарија, а политичарите се обидуваат да постигнат договор околу новиот Закон за јавното обвинителство со кој ќе се реши статусот на СЈО и иднината на процесите и истрагите.

Она што е јасно досега, е дека Јавното обвинителство е пред сериозен предизвик и ќе има полни раце работа. Тие треба да преземат шеснаесет судски процеси, кои се во различна фаза и три процеси во Апелацискиот суд. Некои од нив, веќе се во доказна постапка, некои на почеток. Од СЈО ќе добијат и петнаесетина истраги каде се сомничат актуелни и поранешни политичари и моќни бизнисмени а во кои доказите сеуште не се доволни издржани за да се поднесе обвинение. Точен број на предистраги не е познат. Според последниот извештај на СЈО, кој датира од март годинава во тоа обвинителство се воделе вкупно 243 предистраги.

Јавното обвинителство соопшти дека викендов добиле втор допис од Јанева со нејзина согласност државниот обвинител да може да преземе истраги или гонење по предметите кои спаѓаат во надлежност на СЈО. Оттаму нагласуваат дека со ова примопредавањето веќе не е спорно, но ќе мора да се почека и на одлуката на Советот на обвинители за судбината за специјалните обвинители.

„Првиот чекор е преземањето на предметите, а потоа согласно законот, Јавното обвинителство ќе ги разгледува предметите според своите надлежности. Очекувам тоа да се случи наскоро. По 15 септември Советот на јавни обвинители е надлежен да одлучи за судбината на специјалните обвинители односно да констатира дали специјалните обвинители треба да се вратат во матичните обвинителства “, изјави Љубомир Јовески, републички јавен обвинител.

Доколку Советот одлучи специјалните обвинители да ги врати во матичните обвинителства, постои можност предметите повторно да ги добијат тие со што би се избегнал застој во судските постапки и истрагите.

Доколку предмети се доделат на други обвинители во Јавното и во Обвинителството за гонење на организиран криминал, потребни ќе бидат недели, ако не и месеци да се изврши увид во обемната документација.

Клучна дилема е што со „бомбите“? Дали тие ќе бидат доказ и понатаму или ќе бидат индиции како што првично беше замислено.

За адвокатот Еленко Миланов, кој застапува неколку обвинети во процесите на СЈО, нема дилема дека прислушуваните разговори можеше да ги користи единствено СЈО и дека со трансферот на предметите тие веќе се неупотребливи.

„Мислам дека ова е крај за нелегално прислушуваните разговори и било каква можност тие да бидат користени како докази. Надвор од се што и според самото слово на законот за СЈО тие требаше да бидат индиции, влегоа во судските постапки со некои одлуки од Апелација. Освен СЈО ниту едно друго обвинителство не може да ги користи како докази“, вели адвокатот Миланов.

Од друга страна пак, обвинителите од СЈО децидни дека бомбите ќе може да се користат како докази без разлика што ќе ги застапува друго Обвинителство, а не Обвинителството формирано за гонење на кривични дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

„Бомбите во сите предмети ќе се изведат и ќе се слушаат како докази“, рече обвинителот Гаврил Бубевски, кој заедно со колешките Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи беа на Централната прослава на Денот на независноста.

Случај Трезор
Случај Трезор

Судските процеси продолжуваат веќе утре кога на распоред е рочиште за предметот „Транспортер“ и во среда кога е „Титаник“.

Адвокатот Миланов е на ставот дека обвинителите од СЈО веќе не се надлежни за овие предмети поради одлуката на нивниот шеф Катица Јанева.

„Ако веќе има изјава за прифаќање и изјава за предавање тогаш обвинителите во судница веќе немаат овластување да располагаат со тие документи и да ги застапуваат“, вели Миланов.

Кои ќе бидат потезите на одбраната и одлуките на судиите во предметите и дали е можно времено тие да бидат прекинати останува да се види.

Кога станува збор за истрагите се наметнува прашањето дали тие повторно ќе бидат оспорени од Врховниот суд, кој одлучи дека по истекот на законскиот рок од 18 месеци, односно 30 јуни 2017 година, СЈО нема легитимитет да истражува.

Според Миланов, единствена солуција е бомбите да се исклучат од доказите во истрага и тие да почнат од почеток по допрен глас или со поднесување на кривична пријава.

Владиниот Предлог закон за Јавно обвинителство според кој СЈО треба да се инкорпорира во Обвинителството за гонење на организиран криминал кое го води Вилма Русковска треба да даде одговор на овие прашања но неговото носење сеуште е под знак прашалник.

За утре е најавена лидерска средба меѓу Заев и Мицкоски на која би требало да се доближат ставовите на власта и опозицијата и да се испеглаат несогласувањата околу клучните прашања.


Премиерот Заев останува на ставот дека нема ништо спорно во трансферот на предметите од СЈО во ЈО и дека тоа го предвидува новиот закон. Тој е оптимист дека ќе има политичка волја и ќе се обезбеди неопходното двотретинско мнозинство во Парламентот, за носење на законот.

„Убеден сум дека имаме капацитет како држава, со двотретинско мнозинство да го донесеме законот за јавно обвинителство. Сите случаи и евентуални случаи на криминал и корупција, како што е во развиените земји, мора да добијат правна и правична разврска“, рече Заев во неговиот говор на прославата на Денот на независноста.

Експертите поделени и околу идниот статус на СЈО. За едните е неприфатливо СЈО да згасне и да се претопи во државното обвинителство додека а другите СЈО ја одиграло својата улога и ова е само продолжение на текот на настаните и почнатиот процес на фузија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG