Линкови за пристапност

Антитела од ајкули за справување со ракот


Екипа научници од Австралија доби финансиска поддршка да продолжи со истражувањето.

Австралиските научници кои истражуваат што во крвта на ајкулите прави тие да бидат отпорни на рак, добија значителна финансиска поддршка од меѓународен фармацевски гигант.

Компанијата Рош ќе го финансира истражувањето на екипата од Универзитетот Ла Троб во Мелбурн во рок од шест месеци. Научниците дотогаш имаат задача да утврдат дали антителата во крвта на ајкулите може да ги неутрализираат канцерогените клетки.

Антителата кај овие животни се мошне мали и токму тоа, сметаат научниците, овозможува подобро да се спојат со клетките на кои целат. Делумно благодарение на парите што ги обезбеди Фондацијата Бил Гејтс, опитите веќе покажаа дека антителата може да бидат ефикасен третман против маларијата.

Истражувањето започна уште пред 10 години, а научниците од Ла Троб ја создадоа првата збирка на епрувети со милиони антитела од крвта на ајкулите што може да се употребат против ракот и други болести. Веќе траат и опити како антителата дејствуваат кај ракот на дојка и тие дефинитивно ќе забрзаат со финансислата помош од Рош.

„Постојат милиони и милиони различни антитела. Задачата ни е во нашата збирка да најдеме кои одговараат на целта на фармацевтската компанија и да им ги испорачаме. Ќе и` дадеме лиценца за нив. Интересот што го покажа компанијата го сфаќаме како доказ дека ни верува оти имаме нешто интересно што може да биде мошне корисно за пошироката фармацевтска индустрија“, вели професорот Мајк Фоли, објаснувајќи го договорот со Рош.

Тој верува дека трудот на неговата екипа научници може да доведе до пресвртен момент: „Истражуваме некои видови на рак. Разгледуваме неколку антитела, а за едно од нив знаеме дека ин витро, доколку дојде во допир со клетки на ракот на дојка, го спречува нивното растење“, вели Фоли.

Ајкулите имаат имунолошки систем сличен на оној кај човекот, но нивните антитела се различни и се мошне отпорни. Научниците од Ла Троб откриле дека тие може да издржат високи температури, како и екстремни алкални или кисели средини.

XS
SM
MD
LG