Линкови за пристапност

Убиен политичарот на косовските Срби Оливер Ивановиќ


Шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини го осуди убиството и очекува властите да ги најдат и казнат убијците

Истакнатиот српски политичар од Косово Оливер Ивановиќ, е застрелан пред неговата партиска канцеларија во северниот дел на Митровица, со што повторно се разгорени етничките тензии во регионот. Преговорите меѓу Косово и Србија за нормализирање на односите се одложени, уште на денот кога требаше да продолжат.

Полицијата соопшти дека напаѓачите стрелале од автомобил во движење, во време кога 64-годишниот Ивановиќ доаѓал во партиското седиште. Подоцна бил пронајден запалениот автомобил којшто се верува дека бил користен во нападот.

Убиството на Ивановиќ доаѓа во време кога Србија и Косово во Брисел требаше да ги продолжат преговорите за нормализирање на односите. По денешниот инцидент, Србија се повлече од средбите.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини, во телефонските разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи, го осуди убиството и рече дека очекува властите да ги најдат и казнат убијците.

Вучиќ свика итна сесија на Советот за национална безбедност во Белград.

Марко Ѓуриќ, српски официјален претставник во чија надлежност е Косово, убиството на Ивановиќ го оцени како „акт на тероризам против српскиот народ“.

Повеќе од 110 држави ја признаа независноста на Косово, вклучувајќи ги САД и повеќето членки на ЕУ, но не и Србија.

Во 2016-та, Ивановиќ беше осуден на девет години затвор за злосторства извршени во војната 1998-1999-та. Тој се изјасни дека не е виновен и судот нареди ново судење.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG