Конгресните сослушувања за потврдување на номинацијата за Врховниот суд Ејми Кони Барет почнаа денеска во Вашингтон и таа на сенаторите им порача дека судовите „не треба да се обидуваат“ да создаваат правила, и оти тоа треба да го остават на американските претседатели и Конгресот.
Во однапред објавеното почетно излагање, Барет зборуваше за строга интерпретација на улогата на Судот, велејќи дека „не е дизајниран да го реши секој проблем или да ја исправи секоја грешка во нашиот јавен живот“.
Сенаторката Дајен Фајнстајн, водечка демократка во сенатската комисија за правосудство, веднаш сигнализираше дека малцинските демократи планираат да го покренат прашањето за едно од најголемите политики за кои има жестока поделба – Законот за здравствена заштита што погодува милиони Американци.
Судот се соочува со уште оспорување на Законот за здравствена заштита на 10-ти ноември, во време кога Барет може да биде деветта судијка во Врховниот суд и нејзиниот глас може да биде пресуден да се укине или остави да биде во сила законот, познат како Обамакеар.
Носејќи, црна заштитна маска, Барет ги слушаше сенаторите кои се произнесоа со почетните излагања за нејзината номинација.
Нејзината номинација има голем залог. Сенатот кој е по контрола на републиканците ќе се обиде да ја потврди на функцијата неколку дена пред гласањето на 3-ти ноември.
Таа треба да помине низ четирдневно сослушување пред Сенатската комисија за правосудство оваа седмица.
Републиканците велат дека имаат гласови за потврда на Барет, и ако тоа се случи тоа би било најкус процес за потврдување досега, како и најблизу до датумот за претседателските избори.
Демократите се спротивставуваат на номинацијата на Барет поради неколку причини, меѓу кои иднината на Законот за здравствена заштита, позната како Обамакеар, кој претседателот Трамп сака да го укине.
Според нив, номинацијата за Врховниот суд би требало да ја направи новиот претседател, Трамп или Бајден, по инаугурацијата во јануари.
Републиканскиот сенатор Линзи Греам, претседавач со Сенатската комисија за правосудство, најави дека сослушувањата може да бидат една „долга напната работна недела“, но оти е „сигурен дека ќе уследи гласање“.
Тој предвиде дека сите 12 републиканци ќе гласаат за потврдување на Барет, а сите 10 демократи ќе бидат против.
Претседателот Трамп преку Твитер се пожали на противењето на демократите на номинацијата.
„Републиканците им даваат огромно време на демократите, кое што не е задолжително, за да искажат соопштенија за самите себе, околу идната извонредна судијка во Врховниот суд“, напиша претседателот на Твитер.
Facebook Forum