Вселенскиот телескоп Спицер на НАСА за првпат регистрирал ултравиолетова светлина што доаѓа од планета надвор од Сончевиот систем - важен напредок во потрагата по живот во други галаксии.
Планетата е ненаселива, но научниците се надеваат дека подобрувањата во техниката на мерење на ултравиолетовата светлина од други, евентуално населиви планети, ќе овозможат да се идентификува постоењето на органски молекули, потенцијалните знаци на живот.
Далечните планети што кружат околу ѕвездите надвор од Сончевиот систем се познати како ексопланети. НАСА во извештајот објавен неделава ја споменува ексопланетата 55 Канкри е, или таканаречената „супер Земја“ што се наоѓа на оддалеченост од околу 41 светлосна година од нашиот свет - релативно блиску во космичките растојанија.
Масата на 55 Канкри е е осум пати поголема од онаа на Земјата и таа по величина е двојно поголема од нашата планета. Орбитира околу својата ѕвезда на секои 18 часа, на начин што една иста страна од планетата постојано е ориентирана кон ѕвездата. Како резултат на тоа, температурата на нејзината површина изнесува над 1.700 степени Целзиусови – повеќе од доволно за топење на железото и други метали.
Податоците добиени преку телескопот Спицер покажуваат дека 55 Канкри е има карпесто јадро опкружено со воден слој во „суперкритична“ состојба – и вода, и гас во исто време.
Првите ексопланети беа откриени само пред неколку години пред лансирањето на Спицер во 2003-та година. Научници од НАСА наведуваат дека се задоволни од досегашниот успех, а се надеваат дека лансирањето на новиот телескоп Џејмс Веб во 2018-та ќе доведе до натамошен напредок во потрагата на евентуални места надвор од нашата планета каде би можел да постои живот.
Студијата на НАСА е објавена во журналот Астрофизика.