Линкови за пристапност

Обвинет руски дилер на оружје пред суд во Њујорк


Обвинет руски дилер на оружје пред суд во Њујорк
Обвинет руски дилер на оружје пред суд во Њујорк

Адвокатите на обвинетиот руски трговец со оружје Виктор Боут поднесоа жалба за поништување на изјавите што нивниот клиент ги дал на американските агенти кога го уапсиле во Тајланд во март 2008-ма.

Виктор Боут во жалбата наведува дека американски агенти го навеле да зборува иако им рекол дека не е во ментална состојба за такво нешто кога го апселе во Банкок. Одбранбениот тим на Боут, сепак, признава дека американските агенти го информирале за неговите права, согласно американските закони, да не дава искази што може да се на негова штета.

Во писмена поплака, Боут наведува дека американските агенти му се заканувале со глад, зарази и евентуално силување во озлогласените тајландски затвори, ако не соработува со нив. Неговите адвокати наведуваат дека на нивниот клиент Боут наводно му укажале дека има само една можност да разговара со нив, пред да биде предаден во притвор во Тајланд.

Двајцата агенти кои го интервјуирале Боут, Роберт Захариасиевич и Луис Милионе, се појавија како сведоци во њујоршкиот суд со цел да ги негираат изјавите за затворите во Тајланд, кои немале клима уреди. Тие инсистираа дека тајландските официјални лица им дале само една можност да го испрашуваат Боут.

САД го товарат обвинетиот за меѓународна трговија со оружје, кој се обидел да ги снабди - Револуционерните вооружени сили на Колумбија или ФАРК за убивање Американци. САД ги сметаат ФАРК за терористичка организација.

Боут беше уапсен во Тајланд во 2008-ма и екстрадиран во САД минатиот ноември. Боут вели дека е бизнисмен и се изјасни како невин по сите основи во обвинението.

Еден од неговите адвокати, Алберт Дајан, призна дека Боут не дал исказ пред американските агенти што може да му наштети во процесот. Но, потегот да се изврши притисок да даде писмен исказ по неговото апсење е дел од стратегијата на неговата одбрана која тврди дека Тајланд бил искористен од САД како метод за заплашување и оти тие го оркестрирале неговото апсење.

Дајан вели дека САД се одговорни за сите прекршувања во процесот кој во водел Тајланд. Тука спаѓа и вршењето притисок на Боут да разговара со американските агенти кога не бил подготвен или нема волја. Тој индицираше дека стратегијата на одбраната е да се влијае на легалитетот на екстрадацијата на Боут во САД од Тајланд.

Судијата Шира Шиндлин покрена прашања за пристапот на одбраната и истакна дека Тајланд реагирал независно со објавување потерница и негово апсење по што го држела во притвор две и пол години пред неговата екстрадиција во САД.

Судијата Шиндлин не се изјасни по жалбата од адвокатите на Боут. Следниот распит е закажан за 16-ти јуни. Судскиот процес треба да почне во октомври.

XS
SM
MD
LG